/ Прочитано:

1.378

Државното правобранителство ја утврдува штетата во „Транспортер“. СЈО со предлог за конфискување на имот на осомничените

Конкретно, ќе биде побарана забрана за располагање со 3 стана, 8 патнички моторни возила и 33 автобуси, беше наведено од страна на Специјалното јавно обвинителство при обелоденувањето на случајот.

osnove-sud-skopje-1

Специјалното јавно обвинителство до Кривичниот суд во Скопје го поднело предлогот за определување на привремени мерки за обезбедување на имотноправното побарување против лицата осомничени во случајот „Транспортер“.

СЈО барало обезбедување на имотот на две физички лица и на четири правни лица, односно на имотот на фирмите што го организирале транспортот на ученици во Општина Битола.

Судијата на претходна постапка побара од СЈО да го доуреди, односно во рок од осум дена, во смисла на членот 120 ст. 1 од ЗКП, да достави барање од оштетен спрема трето лице во согласност со законската одредба, се наведува во соопштението на Кривичниот суд.

По ова барање, СЈО во предвидениот рок го извести Судот дека, врз основа на наведениот член, како државен орган има обврска да бара заштита на имотноправно барање на Република Македонија, а дека Државното правобранителство беше повикано од страна на СЈО да се произнесе на ден 28.4.2016 година, па го извести Судот дека по произнесувањето на јавниот правобранител ќе го доуреди предлогот во смисла на чл. 120 ст. 1 од ЗКП, што до денес тоа не е сторено, велат од Кривичниот суд.

Од Специјалното јавно обвинителство велат дека е во тек постапката на утврдување на штетата од страна на Државното правобранителство, по што тоа ќе биде доставено до Судот.

Во случајот „Транспортер“ беа опфатени 22 лица, а како првоосомничен се јавува градоначалникот на Општина Битола Владимир Талески, кои, според СЈО, преку склучување на штетни договори злоупотребиле 360 илјади евра државни пари.

„Во интерес за надомест на штетата предизвикана со овие дејствија, што секако е врвен приоритет и на ова обвинителство и на сите граѓани на Република Македонија, до Судот ќе бидат поднесени предлози за изрекување на мерки против имотот на дел од осомничените и на дел од превозниците како правни лица, кои поради кривичните дела стекнале имотна корист, со конкретно барање за забрана на располагање со истиот. Конкретно, ќе биде побарана забрана за располагање со 3 стана, 8 патнички моторни возила и 33 автобуси“, беше наведено од страна на Специјалното јавно обвинителство при обелоденувањето на случајот.

СЈО најави дека такви мерки ќе бидат побарани и против имотот на градоначалникот на Општина Битола бидејќи помилувањето не ја опфаќа ниту имотната корист од кривичното дело, ниту штетата која е должен да ја надомести.