/ Прочитано:

6.245

Државотворните решенија на Првото заседание на АСНОМ и легендарниот говор на Панко Брашнаров

На Првото заседание на АСНОМ се донесени историски државотворни решенија од големо значење и со трајна вредност за Република Македонија. Тие се актуелни пораки за денес и за иднината на Република Македонија. Oд Сојузот на борците на НОАВМ го потенцираат нивното значење. Велат, граѓаните и младите генерации треба да ги познаваат овие акти, а особено – младите правници.

Од Сојузот на борците на НОАВМ за Академик истакнуваат дека популаризацијата на документите за младите генерации е од големо општествено значење и сметаат дека овие решенија треба да бидат задолжително правно четиво.

„Тргнувајќи од значењето на решенијата на Првото заседание на АСНОМ и нивната трајна државотворна вредност документите се објавуваат и актуелизираат за запознавање на сегашните и идните генерации граѓани на Република Македонија. За решенијата треба да се знае и од нив да се учи за обезбедување на вековност и просперитет на слободата, мирот и државноста на Република Македонија“, нагласуваат од Сојузот на борците во врска со решенијата односно документите.

Инаку, овие документи веќе се објавени од Архивот на Македонија, но се достапни само во печатена верзија, како што и впрочем не информираа од Архивот.

Годинава, по повод 70 – годишнината од АСНОМ, тие во функција на одбележувањето на празникот се селектирани во засебна публикација која се промовираше во МАНУ.

Како прилог во популаризацијата на државноправните решенија на АСНОМ, Академик ги објавува документите во селекција на Сојузот на борци на Македонија, како дел од публикацијата посветена на 70-годишнината од АСНОМ во рамки на МАНУ.

Државотворните решенија на Првото заседание на АСНОМ

Во тој контекст, покрај документите, го објавуваме и говорот на Панко Брашнаров, кој низ зборови кои му претходеа на донесувањето на документите и со емоции кои предизвикуваат восхит и солзи кај присутните на заседанието, како најстар од делегатите го отвора Првото заседание на АСНОМ на кое е избран за потпретседател на Президиумот.

Другарки и другари народни претставители,

Во овој момент, во ова историско место “Св. Отец Прохор Пчињски” и на овој историски ден  ИЛИНДЕН , кога објавуваме да е отворено Првото антифашистичко собрание на народното ослободуење на Македонија, душата ми е преполнета со радост и пред премрежните очи гледам како се раздвижиле сите реки од Пчиња и Вардар до Места и Бистрица, заплускујат е целата македонска земја, сакајќи да измијат од македонскиот народ десетвековниот ропски срам од пропаста на Самуиловата држава, за да се роди денеска нова, светла и слободна македонска држава.

 Во овој момент, земјата на нашите покојници – многубројни народни герои, паднали и посејали коските си по цела Македонија, им станује по лека и они во мир веќе го гледат изгревот на нашата слобода, гледат идеалната дружба на старите Илинденци – на Гоце Делчев и денешните Илинденци – младата македонска војска, и поставените темели за остварението на идеалот на две поколенија, на две епохи – слободна, обединета Македонија.

 Во знак на почитание спрема падналите јунаци, ја ве поканувам да им ја изразиме со еден минут молчание нашата вечна, бескрајна признателност (при помен на жертвите одава се минутно молчание). Вечна слава на падналите герои за слободата на Македонија.

 Во знак на почитание спрема падналите јунаци, ја ве поканувам да им ја изразиме со еден минут молчание нашата вечна, бескрајна признателнсот (при помен на жертвите одава се минутн молчание). Вечна слава на падналите герои за слободата на Македонија!

 Другари народни претставители, жив сум свидетел на два Илиндена – 1903 и 1944 година. Во моите спомени се нижат безброј моменти за илинденскат народна епопеја и Крушовската Република. Бескрајни беа напорите на вооружениот македонски народ, огромна беше жеждата му за слобода, борбата го дари со слободна Крушовска Република. Но, разјарениот башибозлук и турската регуларна војска се нафрлија и го затрупаја оазисот на слободна Македонија – Крушовската Република, го потушија востанието и го стегнала искрвавениот македонски народ во ново ропство.

 Животворниот извор на слободата не секна. Македонија ја поделија, ропствата се менија, но борбата на македонскиот народ не престана. Кога сите поробени народи на Југославија се дигнаја против денешниот непријател на целото човечество – фашизмот, и македонскиот народ се нареди во таја борба. Тој во неа виде возможност да ја помогне општата борба на сите поробени народи и целото слободољубиво човечество и да го оствари својот вековен национален идеал.

 И ете, како резултат на тригодишни крвави борби, македонскиот народ ја врза својата судбина со судбината на сите југословенски народи, помогна со крв и борба да се дојде до нова, братска, демократска и федеративна Југославија. Денеска на фториот, славен Илинден, последен Илинден на неослободена Македонија, се стават темелите на македонската држава, во која се обедини и заживее нашиот народ онаков среќен живот, каков го заслужува по своите претрпени ропски маки и петвековни броби.

 Да е жива нашата мила македонска федерална држава!

 Да е жива Федеративна, Демократска Југославија, заеднички покров на братските јужнословенски народи!”

 (АСНОМ, Документи од Првото и Второто заседание на АСНОМ, архив на Македонија, том1, книга 1, Скопје, 1984, стр. 105, 107, 108, 109).

М.В / veljanoskim@akademik.mk 2 август, 2014