/ Прочитано:

4.720

ДСЗИ: Бесплатна телефонска линија за пријавување неправилности

„Државниот санитарен и здравствен инспекторат, орган во составот на Министерството за здравство, има ставено во функција отворена бесплатна телефонска линија со бр. 080025555, на која во текот на работното време може да се пријавуваат неправилности во надлежност на Инспекторатот“, известуваат од ДСЗИ.

Државниот санитарен инспекторат информира и за надлежностите на овој орган:

  • Во областа на санитарно-хигиенската и епидемиолошката заштита, Инспекторатот врши надзор особено над спроведувањето на мерките за појава и спречување на заразните болести во објекти кои подлежат на надзор од ДСЗИ, по епидемиолошка индикација во објектите за производство и промет на храна, надлежности во однос на безбедноста на предметите за општа употреба, и тоа: детски играчки, средства за одржување на чистотата, козметички производи; исполнување на условите за вршење на дејност во објекти од надлежност на санитарната и здравствената инспекција; санитарно-хигиенските услови во објектите, просторот, просториите, уредите и опремата во кои се врши здравствена дејност и дејности во областа на образованието, културата, социјалната заштита, спортот и рекреацијата, јавниот превоз, угостителството, туризмот, трговијата и другите стопански гранки.
  • Во областа на здравствената заштита, Инспекторатот врши надзор особено над остварувањето на правата од здравствената заштита, остварувањето на правата од здравственото осигурување, вршењето на здравствена дејност во согласност со одобрение од МЗ, почитување на работното време во здравствените установи, водењето на евиденциите во областа на здравството, примената на прописите од областа на здравството (ментално здравје, биомедицинско потпомогнато оплодување, прекин на бременост и др.) од областа на правата на пациентите, начинот на постапување со медицинскиот отпад во здравствените установи, примената на одредбите од областа на заштитата од пушењето и др.

Со воведувањето на отворената телефонска линија, ДСЗИ им стои на располагање на граѓаните за пријавување на какви било неправилности во рамките на неговите надлежности, а на кои наишле како проблем во остварувањето на правата во согласност со прописите од областа на здравството.