/ Прочитано:

1.361

ДУМА: Укината пресудата за „Ореше“, предметот по четврти пат се враќа во Основен суд Велес

Петок, 8 ноември 2013 – Апелациониот суд во Скопје ја укинал ослободителната пресудата во случајот „Ореше“ и предметот го вратил на повторно судење, четврто по ред, пред судот во Велес, пишува „Дума“.

Апелациониот суд ја прифатил жалбата на Основното обвинителство во Велес, која била поддржана и од Вишото обвинителство, и наложил ново, четврто судење за нарачаното и платено убиство на старецот Лазо Милошески во велешкото село Ореше.

Апелациониот суд во своите напатствија сега посочува дека првостепениот суд треба да утврди повеќе елементи кои се однесуваат на исплатата на парите од Америка но и на новата околност, дали има други материјални докази кои упатуваат на вина кон обвинетите, независно од тврдењето на, до вчера заштитениот сведок.

Апелација по трет пат го отвори досието за застреланиот Лазар Милошевски (71). Во два наврати, второстепениот суд го врати случајот на повторно судење поради повреди во постапката и недостиг на докази кои укажуваат дека браќата, Ордан и Љупчо Ѓеоргиевски се платениците, а нашинецот од Америка, Ѓоре Петровски, е наводниот нарачател на убиството. Во двете првостепени судски постапки тие беа прогласени за виновни и им беа изречени затворски казни.

Судијата, поранешниот истражен судија и обвинителот кои го водеа судскиот процесот „Ореше“ во судот во Велес, беа уапсени во рамки на полициската акција „Ликвидација“ како осомничени за кривични дела поврзани со предметот „Ореше“ и  уште неколку други судски процеси.

Обвинетите се осудени за „примање поткуп“, „злоупотреба на службената положба и овластување“, „неовластено оддавање информации и податоци за сведоците, со првостепена пресуда.