Двајца обвинети во „Шпион“ пуштени од притвор
На последната јавна седница, СЈО ги презентираше своите наводи во однос на жалбите на обвинетите и побара од Апелациониот суд намалување на казните за сите обвинети.
Двајца обвинети во случајот „Шпион“, Миќо Насковски и Цветан Дамјановски, вчера доцна попладне биле пуштени од притвор.
Како што информираат од Кривичниот суд, Апелациониот суд во Скопје доставил решение со кое на Насковски и Дамјановски им се укинува мерката притвор.
Насковски и Цветановски беа во притвор од почетокот на истражната постапка за случајот „Шпион“. Со првостепената пресуда Миќо Насковски беше огласен за виновен за кривичните дела: злосторничко здружување, од членот 394 ст. 2; измама, од членот 247 ст. 3 в.в со ст. 1; уцена, од членот 259 ст. 2 в.в ст. 1 и в.в со членот 45 од Кривичниот законик и му беше определена казна затвор во траење од 4 години.
Цветан Дамјановски беше огласен за виновен за кривичните дела: злосторничко здружување, од членот 394 ст. 2 од КЗ; уцена, од членот 259 ст. 2 в.в со ст. 1 од КЗ; недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи, од членот 396 ст. 2 од КЗ и му беше определена единствена казна затвор во траење од 6 години и 6 месеци.
На последната јавна седница, СЈО ги презентираше своите наводи во однос на жалбите на обвинетите и побара од Апелациониот суд намалување на казните за сите обвинети.
Апелациониот суд сè уште нема донесено одлука за предметот „Шпион“.
М. С.