/ Прочитано:

1.615

Бугарската полиција со детали за застрелувањето на мафијашкиот бос пред судската палата во Софија

Среда, 30 јануари 2013 – Полицијата во Софија открила ненаселен стан во близина на судската палата кој има одлична прегледност на еден од страничните влезови на судот каде вчера беше ранет шефот на бугарското подземје Златомир Иванов викан „Берaтата“. Полицијата се сомнева дека две групи од професионални стрелци демнеле во околина на судот чекајќи погоден момент за да пукаат, објавува бугарското Министерство за внатрешни работи. 

Бугарските власти излегоа со теза дека во вчерашниот напад на Златомир Иванов „Баретата“ е можно да постоеле две екипи платеници, кои  наоружени од скриено место демнеле од кој излез на судот Иванов ќе ја напушти зградата.

Веќе е извршен преглед на местото, но се уште нема податоци дали во станот се откриени траги од евентуални стрелци, како и траги од оружје и муниција.

Пронаjдениот стан за кој полицијата се сомнева дека претставувал засолниште на стрелците се наоѓа на булеварот „Витоша“. Според првичните информации од овој стан бил застрелан „Баретата“ кој излегувал од судската палата на закажаниот судски процес поради неговото обжалување на првостепената пресуда во која е осуден на 8 години затвор поради шверц на дрога и водење на добро организирана криминална група.

Златомир Иванов (44) прекарот „Баретата“ го добил поради неговите активности 1991-1993 година како припадник на специјалните единици на бугарското Министерство за внатрешни работи наречени „Барети“ во тогашната борба против тероризмот. Иванов ја напуштил единицата во знак на револт поради апсењето на „Баретите“ во јужниот град Хасково кои се судрија со локалните макроа.

Официјално, Иванов е поврзан со преку 30 фирми кои нудат обезбедување, трговијата со нафта, хемиски и фармацевтски компании. Сопственик е на повеќе коцкарници.

Во Бугарија е прогласен за еден од шесте најголеми нарко босови. Неколкупати бил под истрага за трговија со луѓе, оружје и дрога. Неговото име е поврзано со неколку обиди за убиства и улични престрелки со други припадници на бугарската мафија. И покрај тоа што повеќе пати е уапсен скоро секогаш беше ослободен од обвинение.

Последен пат е уапсен на 7 февруари 2009 година откако самиот се предаде на полицијата поради обвинение за шверц на дрога како и водење на организирана криминална група.

Добро познатиот нарко дилер Димитар Вучев викан „Демби“ во судскиот процес против „Баретата“ сведочел дека Иванов наредил неколку убиства на припадници од бугарското подземје.