/ Прочитано:

2.758

„Џанго увек пуца први!“ – Некогаш ловец на криминалци и добар пиштолџија, денеска одмерен кривичар во судница

Среда, 20 март 2013 – Кривичарот мора да знае како да ги издржи нападите и доказите на обвинителството, а кога да го возврати ударот раскажува адвокатот Љубомир Михајловски кој освен за судските постапки ни зборуваше и за неговите полициски денови од каде му потекнува прекарот „Џанго“. Неговите колеги од полиција го доживеале како главниот лик во култниот италијански вестерн филм од 60-тите на минатиот век. Во судница е одмерен, a надвор од неа насмеан или замислен во зависнот од тoa дали внатре преовладувал хуморот или бесмисленоста – во последно време е дел од одбраната на актуелните предмети „Ровер“ и „Детонатор“. Слично како и кај неговиот омилен спорт аикидото, во судската постапка влегува без натпреварувачи дух туку со целосна стратегија обидувајќи се да го собори противникот. „Џанго увек пуца први!“ –  Оваа реченица кај него и до ден денес буди насмевка, сеќавајќи се на предизвиците од неговите оперативни денови врежани во неговата неколку децениска полициска кариера.  

Од оперативец во МВР, до министер, директор на Царина, денес ги живеете своите адвокатски денови. Некогаш сте го расчистувале криминалот, денеска давате одбрана на обвинети лица, може ли да направите компарација меѓу овие професии?

Како министер имав дневни ангажмани кој можам да кажам се подинамични во однос на адвокатурата, меѓутоа јас бев повеќе од 30 години оперативец – директно на улица, кога станав министер го познавав менталитетот на структурите на МВР. Затоа сметам дека ми беше „лесно“ да ги менаџирам полициските структури, бидејќи улогата на министерството е токму таа – насочување на службите и менаџирање на вработените во министерството; од сервисот за граѓаните – мислам на делот за вадење лични документи, па се до одделите за кривични дела.  Aдвокатурата  исто така е динамична професија, понекогаш заглавувам до доцна навечер, или имам судења или сум со странки. Работам со лица за кои понекогаш сум убеден дека се невини, а понекогаш сметам дека не е толку голем степенот на вина, за која обвинителството се бори да изнуди најголема казна. Присутен сум во судовите на територија на цела земја, работам исклучиво само со кривична материја.

Важите за истакнат адвокат во најчуствителната материја од правосудството, која е тајната на вашиот успех?

Да станете добар кривичар треба да имате одлично познавање на форензиката. Треба да се има познавање од материјалните траги за да застанете наспроти обвинителството и да ги интерпретирате своите докази, тука мислам на материјалните како што се траги од крв, оружје, парафинска ракавица.  Добар кривичар мора да е добро упатен во областа на финансиски документи кога брани кривични дела од област на финансии, даноци, итн. Мора да ги познава и другите прописи, а не само ЗКП и КЗ. Добар кривичар треба да знае да ги цени доказите, за да може евентуалните грешки во обвинението во поглед на доказите да ги исправи на главниот претрес, да предлага нови докази, да има квалитетно познавање, за да даде квалитетна одбрана. 

Од последните рочишта на актуелните предмети „Ровер“ и „Детонатор“ каде вие сте дел од одбраната, може да се заклучи дека обвинителството располага многу повеќе со вербални отколку со материјални докази. Во последниве месеци, во судница токму за овие предмети слушнавме преку 20 сведоци кои делумно ги служеше памтењето или пак никој од нив не посочи прст кон обвинетите. Колку исказите на сведоците можат да влијаат врз конечниот исход на судската постапка?

Во кривичната постапка најбитни се материјални докази, но поради недостиг на вакви докази се поднесуваат обвиненија основани само од исказ на сведоци. Вие сте присутни многу често во суд, може да видите дека сведоците се контрадикторни меѓу себе во однос на материјалните докази или на нивните претходно дадени изјави. Судот на вакви сведоци не смее да им подари верба. Имавме сведоци кои зборува за настани што се случила од пред 10 или 12 години, каков може да биде нивниот квалитет!? Ниту еден кривичен предмет не се изработува квалитетно без материјални докази. Има осудителни пресуди донесени врз основа на исказ на еден сведок. Има една правило „еден сведок е исто како ниту еден сведок“. Ако судијата го праша сведокот дали е скаран со обвинетите, тој одговорил не е скаран, а од неговиот исказ се гледа дека има нарушени односи со оној против кого сведочи, тогаш судот на ваков сведок не смее да му подари верба. Сето тоа треба да се објасни во пресудата, иако понекогаш обвинителството предлага вакви сведоци кои зборуваат во корист на обвинението. 

Во последно време многу е актуелно делото злосторничко здружување, но имавме примери каде на второстепено одлучување, не поминува првостепената пресуда. Какви докази му се потребни на обвинителството за да тврди дека дека обвинетите се здружени во народно кажано „Мафија“?

Тоа е посебна приказна, откако се воведе овој член во КЗ, многу често се случува каде имаме соизвршителство се вметнува овој член злосторничко здружување. Се подигнува обвинение со овој член кој се користи само за да се донесат поголеми затворски казни. За да се докаже злосторничкото здружување треба да се има организација, време, план за извршување. Досега таков доказ никаде не е изваден, кој е главниот на припадниците на групата, каква улога имале припадниците и каква била нивната задача, со еден збор злосторничко здружување народски кажано значи мафија. Меѓутоа тоа е многу поразлично од соизвршителство.

Џанго увек пуца први!“ –  Што кај вас буди денес оваа реченица?

Сите ми го знаат прекарот, скоро никој не ми го знае името. Прекарот ми е од моите оперативни денови во МВР. Имаше ситуација кога една банда побегна од затвор, направи разбојништво при бегството, потоа киднапираше уште едно лице за да му го земе возилото. Заедно со уште 5 колеги бевме во нивна потрага, ги уапсивме на Пелинце, но претхoдно имаше меѓусебна престрелка која траеше цела вечер, погодив еден од нив во неговата капа. Тогаш се роди мојот прекар, а колегите ми викаа Џанго пуца први!

Методи на фиксирање и откривање на траги се менуваат со унапредување на технологии, во однос дали е потребна постојана обука на странките во постапката?

Едукацијата за судии, обвинители адвокати треба да иде паралелно. Сите мора да знаат да ги ценат доказите, не само обвинителот туку и адвокатот треба да знае дали воопшто има поле на одбрана. Сите методи на фиксирање и откривање на траги се менуваат со унапредување на технологии. При пукање остануваат барутни честички на дланките, облеката, телото, но порано не можеше да се издиференцираат  дали се од урина, вештачко губре или вистински барут, сите честички се со исти каректиристики. Сега има методи со кои се открива дека е точно од барут тоа мора да го знаат сите, форензиката е најбитна. Често пати имаме и неквалитетни вештачења, вешти лица прават грешки, адвокатот мора да знае барем колку нив за во текот на главниот претрес да ги исправи. 

Единицата „Алфи“ се од ваше време, како гледате денеска на нивниот начин на работа?

Ги создадов да се спречи уличниот криминал, напад по банки, со еден збор за да се смири улицата. Тактика и методика на „Алфите“ е да не дејствуваат на секое нарушување на јавен ред и мир. Во мое време, единицата не смееше да ја замени униформираната полиција. Тие се замислени за брза интервенција, за настанот во самиот момент. Во мое време го имаше уличниот криминал, сега уште повеќе. Многу лица се бараа со потерници, и во тоа помогнаа „Алфите“. Денеска уште повеќе се потребни, но сега не знам како се користат, не е добро ако се користат за секојдневни работи на полицијата. За бруталности од „Алфите“ во мое време тврдам дека немаше, освен за еден случај кој после излезе на виделина дека „Алфите“ ништо не му направило лошо на момчето.

Која е вашата стратегија за победа во судница, секако освен докази потребна е и умешност?

Во текот на целото судење, адвокатот треба да знае кога да ги истакне доказите и како да реагира на нападите од обвинителството. Самото судење е комплексна материја, често имаме изненадување кога ќе се предложат нови докази или предметот ќе излезе надвор од контрола, па тој доказ што е предложен ќе излезе дека е невалиден. Имав сообраќајка со смртни последици, од обвинителството беше приложен доказ од вештачење на урина во која се гледа присуство на дрога, јас побарав друго вештачење да се утврди дали урината е на обвинетиот, излезе дека урината не е на мојот клиент. Го сослушав својот клиент кој упорно ми тврдеше дека дрога во живот не видел. Можете да замислите каква строга пресуда ќе имаше ако не се утврдеше дека мојот клиент  возел под дејство на дрога!?

Колку медиумите можат да влијаат врз судската постапка?

Улогата на медиумите е објективно и репортерски да го пренесат случувањето во судница. За жал, честопати некоја секвенца од судењето се пренесува од изваден контекст, новинарите не мора да се писмени по право, но она што го слушнале и виделе мора да го пренесат без своја интерпретација и свои заклучоци, со дезинформации нормално се наштетува на странките. Ако имаме пишување во медиуми и надуени работи јавноста ќе добие впечаток дека обвинетиот е виновен.  Тогаш судот го ставаме во неповолна ситуација, ако утврди дека обвинетиот е невин, целата јавност ќе смета дека судот донел блага пресуда. На некој начин судијата мора да и ја оправда пресудата и на јавноста, а по според моето длабоко убедување медиумите имаат моќ преку игра на зборови осомничениот или обвинетиот да го направат виновен. 

Уште ли сте вљубеник во аикидото?

Да, повторно тренирам, ја сакам оваа боречка вештина која во неа нема агресивност, ме смирува и опушта, нормално ми ја регулира псифичко-физичката состојба на организмот.


Автор: Паула Божиновски

Објавено: 20.03.2013