/ Прочитано:

613

ДЗР: Заштитата на културното наследство во нашата држава не е доволно ефикасна

Мерките и активностите кои ги преземаат надлежните институции не се доволни и ефикасни да се оствари потребната заштита и ревитализација на недвижното културно наследство

Ревизорите утврдиле:

  • отсуство на редовна грижа, одржување, обезбедување и мерки за непосредна заштита од страна на имателот и надлежната институција за заштита кои придонесуваат кон оштетување, загуба, уништување и зголемени трошоци за одржување и активно функционирање на културното наследство, како и
  • не обезбедени јасни и објективни критериуми за начин на финансирање на недвижното културно наследство и распределба на средствата на надлежните институции, што ја ограничува можноста за навремена и соодветна заштита на недвижните добра.

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на успешност на тема “Ефикасност на политики и мерки за заштита, управување и ревитализација на недвижното културно наследство“ согласно Годишната програма за работа на Државниот завод за ревизија за 2022 година.

Целта на извршената ревизијата е да даде одговор на прашањето: Дали со постојната правна рамка, воспоставениот начин на водење на евиденција, финансирање на активностите и преземените мерки на надлежните институции за идентификација, заштита и надзор се обезбедува остварување на ефикасна заштита на недвижното културно наследство?“ во насока на зголемување на ефикасноста на мерките и активностите на надлежните институции за заштита на недвижното културно наследство, како темелна вредност на државата што се заштитува во секакви околности.

Културното наследство како темел на националниот и културниот идентитет на еден народ. Нашата држава има богато културно наследство од минатите генерации кое е од непроценлива значајност, што треба да се заштитува, зачувува и одржува, како траен влог за идните генерации..

Опфатот и доказите кои се обезбедени по пат на спроведување на техники и методологија од страна на ревизијата дава основа да го изразиме следниот заклучок:

Стекнато е разумно уверување дека мерките и активностите за заштита, управување и ревитализација на недвижното културно наследство кои се преземаат од страна на надлежните институции не се доволни и ефикасни да се оствари потребната заштита и ревитализација и создава реална опасност за трајно зачувување на недвижното културно наследство за идните генерации.

Со извршената ревизија е утврдено:

– одредени недоречености и неусогласеност со поврзаната законска регулатива, како и неприменливи законски решенија во пракса кои ги отежнуват постапките за непосредна заштита на културното наследство.

– oтсуството на стратешки и плански документи има влијание врз дефинирање на приоритетни цели и основни начела, мерки и активности за заштита и користење на културните добра и утврдување на активности за трајно зачувување на културните вредности и нивна интегрирана заштита.

– нецелосно спроведена класификација и извршена ревалоризација за само 18% од вкупниот број на регистрирани недвижни културни добра во државата, нецелосно воспоставена заштитна евиденција, необезбедени сеопфатни и ажурирани податоци во регистарот на недвижно културно наследство и неизграден Национален информативен систем за културното наследство придонесуваат да не се обезбедени  јавно достапни информации за културното наследство на државата и негова заштита.

– финансиските средства за заштита на културно наследство од буџетски и странски извори за периодот од 2018 – 2021 година се реализирани во вкупен износ од 293.528 илјади денари, при што одобрените буџетски средства од Министерството за култура по Нацрт-програмите за сите национални установи секоја година бележат намалување, кое се движи во просек од 16% до 23% по година. Висината на обезбедените финансиски средства и стручните лица не се доволни за ефикасно спроведување на активностите за непосредна заштита, а неправилното алоцирање на средствата за заштита ја ограничуваат можноста за навремена и соодветна заштита на недвижните добра.

– нерешените имотно-правни односи, долгиот период на постапките за експропријација, отсуството на редовна грижа, одржување, обезбедување, преземање на мерки за заштита од страна на имателите/корисниците и надлежните институции, придонесуваат кон оштетување, загуба, уништување, зголемени трошоци за одржување и активно функционирање на културното наследство.

– значаен недостиг на инспектори, односно екипираност со тројца инспектори во 2021 година со надлежност за вршење надзор на сите видови културно наследство на целата територија на државата, како и отуството на надзор над секое преземање мерки на непосредна заштита од страна на инспекциската служба, делумно извршени контролни надзори на решенија за отстранување на неправилности и непостапување од страна на субјектите по изречени мерки придонесуваат кон недоследна примена на пропишаните услови и намалена ефикасност од инспекцискиот надзор, што влијае да не се постигнат посакуваните ефекти за одржување, опстанок и ефикасна заштита на недвижното културното наследство.

За надминување на погоре наведените состојби, до надлежните институции дадени се препораки кои се темелат на резултатите од извршената ревизија кои треба да обезбедат:

  • измени и дополнувања, односно донесување на нов Закон за заштита на културното наследство и усогласување со поврзаната законска регулатива;
  • подобрување на кадровската екипираност на националните установи со стручни лица за заштита на недвижното културно наследство;
  • воспоставување на функционален Информативен систем за културното наследство и Национален регистар на културното наследство;
  • одобрување на средства за поголемо вложување во превентивна заштита на културното наследство и изнаоѓање на дополнителни извори на финансирање на заштитата на културното наследство;
  • кадровско доекипирање со инспектори за недвижно културно наследство и зголемување на ефикасноста од инспекцискикиот надзор преку спроведување на контролен инспекциски надзор по издадените решенија со изречени мерки.