ДЗС: 4.692 слободни работни места, најмногу во преработувачката индустрија
Вторник, 4 јуни 2013 – Во првото тримесечје од годинава во Македонија имало 4.692 слободни работни места. Најмногу работници се барале во преработувачката индустрија, трговијата на големо и мало и градежништвото.
Според податоците на Државниот завод за статистика во преработувачката индустрија имало 1.342 слободни работни места, во трговијата на мало и големо 663 и во градежништвото 620 работни места.
Најголем дел од слободните работни места 1,29 отсто се во компании кои имаат од 10 до 49 вработени, а во компании од 50 до 249 вработени имало 1,27 отсто од слободните работни места. Скопскиот регион бил со најмногу слободни работни 1.627, следи Пелагонискиот со 634 и југоисточниот со 509. Компаниите бараат и 934 работници со елементарни занимања, 727 индустриски работници, но имаат потреба и од 425 стручњаци и научници. Рудниците бараат 44 работници, информатичко-комуникациските компании 65, додека во јавната управа и одбраната има 169 непополнети работни места, во образованието 118, во здравството и социјалната заштита 416, а во агенциите за недвижнини само пет.
Најмногу работни места 973 имало за услужната дејност и продажба, потоа елементарните занимања 934 и занимања за неиндустриски начин на работа во производството. Немало ниту едно слободно место за воени занимања, а се барале и 27 членови на законодавни и извршни тела, државни функционери, раководни државни службеници, дипломати и директори.