/ Прочитано:

1.012

ДЗС: Гостиварци со најмногу разводи, но и склучени бракови

Вторник, 4 јуни 2013 – Според Државниот завод за статистика (ДЗС), Гостивар во последниве три месеци бележи рекорд по бројот на разводи. Статистиката за првото тромесечје од годината ја сместува гостиварската Општина на прво место не само за разводи, туку и е Општина со најголем број на склучени разводи за првите месеци од оваа година. 

Според податоците на Државниот завод за статистика кои се однесуваат за првото тримесечје од годината на територијата на општина Гостивар се развеле 54 брачни двојки. Овој податок е всушност рекорд на гостиварци. Од анализите за претходните периоди се забележува дека бројката на разводи за три месеци се движела до триесетина. Во текот на целата ланска година биле регистрирани 131 развод.

Сознанијата говорат дека дел од разводите се фиктивни и се прават од економски причини. Паровите се одлучуваат формално да ја завршат заедницата, а еден од нив, најчесто мажот во странска земја стапува во спогодбен брак заради државјанство.

Гостивар е на врвот и по склучени бракови. Над 150 парови во првото тримесечје од годинава својата врска ја крунисале со венчавка. Сепак во однос на минатата година тоа е намалување за петнаесетина.

Според извештајот на Државниот завод за статистика за првите три месеци од годинава во општина Врапчиште имало 88 бракови, наспроти 11 разводи што отприлика е иста состојба како и лани. Во Маврово, Ростуше, пак, забележано е големо намалување на бројот на бракови, во првите три месеци минатата година ги имало 33, а годинава само 14.