/ Прочитано:

1.824

Е-КНИГИ во е-продавницата на Академик

Од денес, електронските изданија на книгите „Финансиски истраги – Водич за практичари“ и нејзиниот превод на англиски јазик „How to Become a Financial Investigator“ (достапно како посебно издание) од авторите д-р Ивица Симоновски и м-р Кристина Евго се достапни на е-продавницата на Академик.

Книгата „Финансиски истраги – Водич за практичари“ од авторите д-р Ивица Симоновски и м-р Кристина Евго се фокусира на проблематика која во последните години е сѐ повеќе во сферата на интерес како на стручните, така и на научните работници. Финансиската истрага е клучна алатка за откривање на перење пари, финансирање тероризам и други тешки кривични дела. Преку неа на истражителите им се овозможува да обезбедат нови информации за случени криминални настани, успешно да мапираат цели криминални мрежи и да откријат суштински докази за гонење на сторителите, конфискација на приносите генерирани од криминал и одземање на нивниот имот.    

Книгата е изготвена во форма на учебник кој им е многу потребен на практичарите, но и на научните работници. Преку оваа книга, тие може да се запознаат со најновите теоретски проучувања за финансиските истраги, но и како тие практично се спроведуваат со користење на соодветни алатки, методи и техники, како и софтверски решенија за прикажување на финансиските анализи. Авторите потенцираат колку еден ваков труд е потребен за истражителите – практичари, односно можноста преку него да се стекнат со знаења и да изградат вештини за користење методи и алатки при водењето на финансиска истрага.

Оваа книга може да се користи не само во Република Северна Македонија; таа е така конципирана за да може да се користи во која било држава и е наменета за сите практичари кои се занимаваат со проблемот на финансиски истраги, вклучително банкарските службеници, менувачниците, давателите на услуги брз трансфер на пари, адвокатите, сметководителите, нотарите, истражувачките новинари и други стручни лица и агенции кои се занимаваат со проблематиката на финансиски истраги, а кои навремено треба да откријат сомнителни финансиски трансакции и активности.

Во првите четири поглавја од книгата се образложени, дефинирани и анализирани поимите „нелегални финансиски текови“, „перење пари“, „финансирање тероризам“ и „имот и имотна корист“. Петтото поглавје „Што е финансиска истрага“, ја проучува потребата и целите на финансиската истрага којашто треба да се води паралелно (заедно) со кривичната истрага. Во ова поглавје авторите даваат посебен осврт на целите на финансиската истрага што треба да овозможи: откривање на кривичното дело од кое се генерира нелегален принос, како и сторителите на кривичното дело; утврдување на нелегалните приноси стекнати од извршување кривично дело; утврдување на нелегалните приноси што треба да бидат одземени; привремени мерки за осигурување на нелегално стекнатиот принос од казниво дело. Авторите ја нагласуваат и потребата од правилно менаџирање на одземениот, односно конфискуваниот имот. Во шестото поглавје насловено како „Предуслови за водење на финансиските истраги“, авторите даваат посебен осврт на правниот основ за успешно планирање на финансиската истрага од страна на надлежните инситуции, и тоа како паралелен процес со кривичната истрага.

Седмото поглавје – „Истражни методи и техники за собирање и анализа на податоци“ ги објаснува методите и техниките што му се на располагање на финансискиот истражител кои тој треба да ги употреби во насока на обезбедување докази. Според авторите, истражните методи и техники се генерираат во три основни категории, и тоа: стандардни истражни техники; посебни истражни мерки и интегрирана финансиска истрага – финансиска анализа.

Осмото поглавје „Градење мрежи за соработка и координација“ ја нагласува неопходната потреба од соработка помеѓу истражните органи и нивна координација при спроведувањето на финансиските истраги. Од особена важност е соработката со Единицата за финансиско разузнавање, преку која можат да се обезбедат квантитативни и квалитативни финансиски податоци што се неопходни за идентификување, лоцирање и следење на нелегално стекнатиот имот. Авторите во ова поглавје ја нагласуваат потребата од меѓуинституционална и меѓународна соработка и размената на податоци и информации помеѓу државите, користејќи формални и неформални канали на комуникација.

Последното, деветто поглавје насловено како „Привремени мерки и конфискација“ го објаснува значењето на привремените мерки што се состојат од привремено обезбедување (замрзнување) на имотот што е предмет на финансиската истрага и за кој постојат сомненија дека потекнува од криминал. Робусниот систем на привремени мерки и конфискација е важен дел од ефективниот систем за борба против организираниот криминал и перењето пари. На крајот од ова поглавје авторите ги објаснуваат видовите конфискација, односно конфискацијата заснована на одземање имот, како и конфискација на имот заснована на вредност.

 

Е-книгите „Финансиски истраги – Водич за практичари“ и „How to Become a Financial Investigator“ можете да ги купите од нашата е-продавница (https://prodavnica.akademik.mk) по цена од 2.183,00 ден (1.850,00 ден без 18% ДДВ).