/ Прочитано:

1.504

ЕАПН: Стоп за сиромаштијата во Европа

Справувањето со сиромаштијата значи обезбедување еднакво учество на сите во општеството со цел достоинствени услови за живот. Во спротивно, како што истакнуваат од ЕАПН, тоа претставува кршење на човековите права. Европската мрежа против сиромаштијата ги повикува сите луѓе и политички институции да се ангажираат за создавање на еден свет без сиромаштија и социјална ексклузија.

Европската мрежа против сиромаштијата (ЕАПН) денеска, во рамки на одбележувањето на  Меѓународниот ден на Обединетите нации за искоренување на сиромаштијата, ја повика Европската Унија да стави крај на сиромаштијата.

Во нивното соопштение се вели дека справувањето со сиромаштијата значи обезбедување еднакво учество на сите во општеството со цел достоинствени услови за живот. Во спротивно, како што истакнуваат од ЕАПН, тоа претставува кршење на човековите права.

Европската мрежа против сиромаштијата ги повикува сите луѓе и политички институции да се ангажираат за создавање на еден свет без сиромаштија и социјална ексклузија.

„Триесет години спиев каде што ќе најдам и никој не ми нудеше решение за проблемот. Во 2007 година добив самодоверба, добив шанса како делегат на ЕАПН. За мене тоа беше пресвртница. Сите сиромашни луѓе сакаат да бидат вклучени во одлуките што влијаат врз нивните животи“, изјави Мајкл Меки, член на одборот на ЕАПН – Ирска.

Европската мрежа против сиромаштијата понатаму во своето соопштение истакнува дека пред 3 недели беше одбележана двегодишнината од потпишувањето на Целите за одржлив развој, во кои државите дејствуваа со цел да стават крај на сиромаштијата во сите нејзини форми.

„Денес нам ни е редот да застанеме заедно со лицата што живеат во сиромаштија. Искоренувањето на сиромаштијата претставува политички избор. На повидок е извесна надеж. Разговорите за иднината на Европа претставуваат можност на ЕУ да покаже дека се грижиме за 25% граѓани кои живеат во ризик од сиромаштија. Тоа е сценариото што треба да ги покрене целокупните дискусии. Тоа е можност што ќе покаже дека си ги препознаваме грешките и треба да го рестартираме европскиот проект кон својата првобитна цел: мир и социјална кохезија. Во ноември оваа година ќе се конкретизира еден важен чекор кон искоренување на сиромаштијата. Социјалниот самит во Гетеборг мора да ја покаже политичката одлучност за преземање конечен чекор напред во оваа насока преку договор за задолжително спроведување на европскиот столб од социјални права – и не само за еврозоната“, истакна претседателот на Европската мрежа против сиромаштијата, Сергио Аирес.

Социјалниот столб, сметаат од ЕАПН, мора да се спроведе со добро партиципативно управување, вклучувајќи го и граѓанското општество, како и лицата што се најмногу засегнати од тековното немање човекови права.

„Тој мора да се поддржи со соодветно финансирање, да им овозможи на владите да инвестираат во соодветни системи за социјална заштита, квалитетни услуги и работа, како и крај на мерките за штедење. Пред сè, мора да води кон конкретно позитивно подобрување во реалниот живот на луѓето кои живеат во сиромаштија ширум Европската Унија. Зголемувањето на нивото на социјалните бенефиции би било најзначајно за намалувањето на сиромаштијата. По намирувањето на режиските трошоци, од малата пензија не ви остануваат доволно пари за храна и лекови. Сега треба да избирам дали да си купам храна или лекови“, изјави член на ЕАПН Финска.

ЕАПН истакнува дека оваа година активностите против сиромаштијата заеднички ги спроведуваат со кампањата „StopPoverty“ и нагласуваат дека нудат нов начин за онлајн следење иницијативи за борба против сиромаштијата.

„Сега луѓето што живеат во сиромаштија можат да бидат сигурни дека не се сами. Нивниот непопустлив отпор кон неправдите продолжува во сенка секој ден. На овој меѓународен ден, кога ќе излезат во јавност, нив може да ги охрабри фактот кога ќе видат дека луѓето од сите сфери на животот одлучиле да застанат заедно со нив“, вели генералната директорка на ATD Fourth World International, Изабел Пајперт Перин.

Европската мрежа против сиромаштијата (ЕАПН), која е основана во 1990 година, е најголемата европска мрежа од национални, регионални и локални мрежи, која вклучува и НВО и групи од активисти на терен, но и европски организации, активни во борбата против сиромаштијата и социјалната ексклузија.

По повод Меѓународниот ден на борба против сиромаштијата, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, во своето обраќање истакнува дека екстремните форми на сиромаштија мора да се искоренат.

„Никој не смее да остане без храна, облека и покрив над глава. Борбата против сиромаштијата е наш најголем предизвик. Во Македонија 21,5 проценти од населението живее во сиромаштија, а целта е на среден рок стапката на сиромаштија да се намали под 16 проценти во 2020 година. Македонија со Устав е дефинирана како социјална држава, но во реалноста, системот често затајува. Нашата главна обврска е да излеземе во пресрет на најранливите, а со тоа и најпогодени од сиромаштијата. И тоа не само преку парична помош, туку и со нивно вклучување на пазарот на труд. Само така вистински се прекинува кругот на сиромаштијата од генерација во генерација. Во Македонија, за жал, не се сиромашни само оние што немаат работа, туку и голем број вработени, а токму затоа се важни мерките за зголемување на минималните приходи. За да успее борбата против сиромаштијата, на младите мора да им се гарантира перспектива, можност да работат и напредуваат дома, за да запре нивното иселување, а треба многу да се работи и на подобрување на економската позиција на жените во нашето општество, како и на квалитетно и достапно образование и социјални услуги блиски до граѓаните“, истакнува во своето обраќање министерката Царовска по повод  Светскиот ден на борбата против сиромаштијата.

А. Б.