/ Прочитано:

1.958

ЕЦПР: Донесена пресуда со која се утврдува дискриминација – здравствените власти да обезбедат третман за деца корисници на дроги

Основниот граѓански суд II во Скопје пресуди дека Министерството за здравство извршило дискриминација врз малолетни Роми кои имаат проблеми со зависност од дроги со тоа што не им обезбедило третман или рехабилитација, информираат од Европскиот центар за правата на Ромите.

Министерството доби наредба да усвои конкретна програма за третман на деца корисници на дроги во рок од три месеци по донесувањето на пресудата во судската постапка покрената од страна на Европскиот центар за првата на Ромите (ЕЦПР) во име на ромски деца на кои им било негирано правото на еднаков пристап до здравствена заштита.

„Недостиг на третман за малолетници е проблем што се провлекува со години, а како резултат на тоа се губат животи на млади Роми. Во меѓувреме, здравствените институции тврдат дека тие не се во можност да лекуваат малолетни зависници. Оваа пресуда треба да го вклучи алармот за итната потреба за воспоставување специјална програма за третман на овие деца. Нема повеќе време за чекање. Главната одговорност за тоа е кај Министерството за здравство“, вели Сенада Сали, менаџер за правни работи во ЕЦПР.

На 22 март 2021 година, Основниот граѓански суд II во Скопје ја прифати тужбата на ЕЦПР дека ромските деца се подложени на индиректна дискриминација со тоа што не им се обезбедува третман за зависност од дроги. Судот пресуди дека во Северна Македонија на децата кои имаат проблеми со зависност од дроги им е прекршено правото на еднаквост врз основа на нивната возраст и врз основа на нивниот статус како маргинализирана група на деца корисници на дроги. Судот потврди дека ромските деца кои имаат проблеми со зависност од дроги се дополнително индиректно дискриминирани врз основа на нивната етничка припадност и преголемата застапеност меѓу децата корисници на дроги.

Тужбата беше поднесена од страна на ЕЦПР во април 2020 година, по собирањето докази од локалниот сервисен центар на НВО ХОПС, како и од Народниот правобранител на РСМ, кој подоцна се појави како сведок во постапката. Исто така, ЕЦПР во судот го донесе родителот на двајца малолетни корисници на дроги за да сведочи за нејзината неможност да ги однесе децата во здравствен центар каде што ќе добијат третман…целосниот текст на соопштението.

М.В