/ Прочитано:

853

Единаесетто издание на „Вечерите на женски права“

Единаесеттото издание на „Вечерите на женски права“ ќе се одржи од 6 до 12 март 2020 година. „Вечерите на женски права“ оваа година ќе се одржат во знак на глобалната тема за одбележување на Меѓународниот ден на жената – 8 Март: „Јас сум генерација еднаквост – остварување на женските права за еднаква иднина!“

„Вечери на женски права“ е настан кој традиционално се организира од 2010 година и нуди културна алтернатива на прославувањето на Меѓународниот ден на жената – 8 Март. Настанот е во организација на Град Скопје, Универзитетот за аудио-визуелни уметности ЕФТА, Институтот за родови студии при Филозофскиот факултет од Скопје и Телото на Обединетите нации за родова еднаквост и зајакнување на жените – UN Women.

Поздравни обраќања на манифестацијата ќе имаат претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, и резидентната координаторка на ОН во Република Северна Македонија, Росана Дуџак. Потоа ќе следуваат разговорите со Ана Јовковска и нејзините соговорници: Ленче Здравкин, Бојан Јовановски, Лулета Адеми и Ана Голејшка-Џикова.

На отворањето на „Вечерите на женски права“ ќе се прикаже хрватскиот документарен филм „Дневникот на Дијана Будисављевиќ“ (2019) од режисерката Дана Будисављевиќ, која ја доби наградата за најдобра режија на Пулскиот филмски фестивал во 2019 година.

Дополнително, манифестацијата е збогатена со отворањето на две изложби – меѓународната ликовна изложба: „Будење“, која вклучува 11 ликовни уметнички од земјава и од странство (кураторка Шќипе Мехмети) и изложбата на студентска фотографија „Кршење на обрасците“, изработена од студентите од Универзитетот за аудио-визуелни уметности ЕФТА и Институтот за родови студии при Филозофскиот факултет од Скопје.

8 Март е Меѓународен ден на жената, кој за првпат е прославен во 1911 година. Тогаш на 8 Март, повеќе од милион жени и мажи во Австрија, Данска, Германија и Швајцарија одржаа протести за остварување право на глас на жените и за подобрување на работничките права.

Денес, 8 Март се одбележува како Меѓународен ден на жената за да се славaт економските, социјалните, културните и политичките достигнувања на жените и да се повика на остварување родова еднаквост.

Овогодинешната темa за одбележување на Меѓународниот ден на жената е во согласност со глобалната мултигенерациска кампања на UN Women, „Генерација еднаквост“, која ја одбележува 25-годишнината од Пекиншката декларација и Платформата за акција, усвоени во 1995 година, Пекиншката декларација и Платформата за акција се прифатени како најпрогресивната агенда за зајакнување на жените и девојките ширум светот.

Кампањата „Генерација еднаквост“ има цел да ги собере новите генерации на активист(к)и за права на жените, од кои многумина можеби и не беа родени во 1995 година – со застапниците за родова еднаквост и визионерките кои беа клучни во креирањето на Пекиншката декларација и Платформата за акција пред повеќе од две децении со цел да се забрзаат напорите за остварување на родовата еднаквост и правата на жените и тие да станат реалност.

Кампањата цели кон предизвикување внимание и дејствување за клучните прашања, вклучително еднаква плата, еднакво споделување на неплатена грижа и домашна работа, крај на сексуалното вознемирување и сите форми на насилство врз жени и девојчиња, како и здравствени услуги кои одговараат на нивните потреби, еднакво учество во економскиот и политичкиот живот и донесување одлуки во сите области на животот.

Извршната директорка на UN Women, Пумзиле Мламбо-Н’гчука, по повод новиот извештај на UN Women „Осврт кон женските права по повод 25-години по Пекинг“, изјави: „Во освртот кон женските права се покажа дека, покрај одреден прогрес, ниту една земја нема постигнато родова еднаквост. Еднаквоста не е само една четвртина од местата на масите на кои седат оние кои имаат моќ. Но, тоа е ситуацијата во рамките на раководствата. Мажите се 75% парламентарци, држат 73% од менаџерски позиции, присутни се во рамките на 70% кои се вклучени во климатските преговори, и скоро сите миротворци се мажи. Ова не е инклузивен и еднаков свет и ние мора да преземеме акција за да искреираме свет кој не е дискриминаторски спрема жените. Единствено половина е еднаков дел, и единствено еднакво е доволно.“

Агендата за настанот може да се погледне на следниот линк.