/ Прочитано:

1.405

Единствен систем за собирање податоци за несреќи и повреди при работа препорачуваат експертите

Македонското здружение за заштита при работа (МЗЗПР) денеска на Машинскиот факултет во Скопје ја промовирашe Националната студија за безбедност и здравје при работа.

Студијата за безбедност и здравје при работа за земјава е изработена во рамките на регионалната платформа за заштита при работа „BALcanOSH.net“. Покрај за нашата земја, национални студии за безбедност и здравје при работа ќе бидат презентирани и за Албанија, Црна Гора, Косово и Србија. Студиите се изработени во рамките на проектот „Зголемување на капацитетите и зајакнување на улогата на регионалните граѓански организации за подобрување на работните услови и дијалог со државни институции“, кој е финансиран од страна на Европската Унија.

Како што информираат од МЗЗПР, студијата прави анализа на националното законодавство за БЗР и степенот на неговата усогласеност со легислативата на ЕУ, истовремено обидувајќи се на единствен начин да ја портретира безбедноста и здравјето преку конкретни основи кои произлегуваат од рамковната Директива за безбедност и здравје при работа 89/391, транспонирани во националниот Закон за БЗР, како и подзаконските акти.

„Македонското законодавство од областа на безбедноста и здравјето при работа е усогласено со европското законодавство, но она што недостига е креирање на единствен систем за собирање на податоците за случени повреди и несреќи на работа и подобрување на законската регулатива“, беше истакнато на денешата промоција, на кој беше посочено дека Државниот инспекторат за труд и Институтот за јавно здравје располагаат со различни податоци за несреќите при работа.

„Неминовно е креирање на единствен систем за собирање на податоци за несреќи и повреди при работа. Има компании кои системот за безбедност и здравје при работа не само што го имаат имплементирано туку го имаат подигнато на едно повисоко ниво, но има и компании кои сè уште имаат проблеми со имплементацијата“, беше истакнато на денешниот настан, на кој говореа авторот  на студијата, Трајче Велковски, и претседателот на Македонското здружение за заштита при работа, Милан Петковски.

Законот за безбедност и здравје при работа е донесен во 2007 година и е допрецизиран со околу 30 правилници. Со овој закон се утврдуваат мерките за безбедност и здравје при рaбота, обврските на работодавачот и правата и обврските на вработените од областа на безбедноста и здравјето при работа, како и превентивните мерки против професионалните ризици, отстранувањето на ризичните фактори за несреќа, информирање, консултирање, обука на работниците и нивните претставници и нивно учество во планирањето и преземањето на мерки за безбедност и здравје при работа.

Според Законот, работодавачот има обврска да обезбеди безбедност и здравје при работа за неговите вработени од секој аспект поврзан со работата. Во рамките на неговите обврски, работодавачот мора да презема мерки потребни за безбедност и здравје при работа на вработените, вклучувајќи заштита од професионални ризици, обезбедување информации и обука и обезбедување соодветна организација и потребни средства.

Исто така, Работодавачот има обврска да воведе такви заштитни мерки и да избере такви работни и производствени методи кои ќе го подобрат нивото на безбедноста и здравјето при работа, а ќе се вклучат во сите дејности на работодавачот и на сите нивоа на организацијата.

М.В