/ Прочитано:

1.137

ЕДНА ГОДИНА ОД СЛУЧУВАЊАТА ВО ДИВА НАСЕЛБА: Деталите од полициската акција остануваат зад затворените врати на судските рочишта

На рочиштата отворени за јавноста сведочеа полициските службеници нападнати во караулата Гошинце, роднини и пријатели на обвинетите и локалното население. Полицајците во детали го опишаа настанот кој им претходел на случувањата во Дива Населба – нападот на полициската станица во Гошинце и крадењето на големо количество оружје и стационирањето на групата во Кумановско. Роднините и локалното население, пак, тврдеа дека утрото се разбудиле од пукањето, дека не биле запознаени со присуството на вооружената група и дека полицијата барала дрога.

Судење Дива Населба, надвор

Деталите за тоа што се случувало пред точно една година во кумановската Дива Населба, викендот на 9 и 10 мај 2015 година, ќе останат затворени за јавноста. По една година од вооружените дејствија, во кои загинаа осум припадници на полицијата, јавноста сè уште е исклучена од судењето на 29 обвинети поради сослушување на заштитени сведоци.

Според податоците на одбраната, уште најмалку пет рочишта ќе бидат сослушувани заштитените сведоци, кои се најверојатно припадници на полициските сили, кои кобниот викенд директно биле вклучени во борбените дејствија.

Во престрелките со поголемата вооружена, таканаречена, кумановска група загинаа осум полицајци. Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски, Ненад Серафимовски и Горан Стојменовиќ минатата недела посмртно беа одликувани со „Медал за храброст“ за покажаната исклучителна храброст и самопрегор во одбрана на територијалниот интегритет и суверенитет на Република Македонија. Вчера, пак, нивните роднини, сè уште прашувајќи се зошто загинаа нивните најблиски, им оддадоа почит по една година од нивната смрт.

На рочиштата отворени за јавноста сведочеа полициските службеници нападнати во караулата Гошинце, роднини и пријатели на обвинетите и локалното население. Полицајците во детали го опишаа настанот кој им претходел на случувањата во Дива Населба – нападот на полициската станица во Гошинце и крадењето на големо количество оружје и стационирањето на групата во Кумановско. Роднините и локалното население, пак, тврдеа дека утрото се разбудиле од пукањето, дека не биле запознаени со присуството на вооружената група и дека  полицијата барала дрога.

Досега обвинетите истакнаа дека не се чувствуваат виновни. Тие ќе бидат сослушани по завршување на доказната постапка и по сослушување на сведоците на Обвинителството и одбраната.

Обвинетите се товарат за сторени кривични дела терористичко организирање од членот 394-а и тероризам од членот 394-б од Кривичниот законик.

Мотивот на вооружената група, како што истакнаа двајцата обвинители, бил уставно загрозување на безбедноста на Република Македонија.

Во вооружената престрелка од 9 и 10 мај беа убиени осум припадници на полициските сили и 10 припадници на вооружената група. Меѓу загинатите од вооружената група се и водачите Мирсад Ндрецај и Бег Ризај.

За денеска закажан е протестен марш во организација на НВО „Центар за демократија и развој“ со почеток во 17:30 часот. Маршот е со правец на движење од ул. „Цветан Димов“, ТЦ „Мавровка“, по мостот „Гоце Делчев“ до зградата на Влада на РМ. Според најавите, маршот ќе претставува сеќавање на жртвите и на затворените поради кумановските случувања.

М. С.

„Дива Населба“