Една година откако Асанж пребега во Амбасадата на Еквадор: „Доволно сум силен за да останам уште пет“
Среда, 19 јуни 2013 – Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж навршува една година откако живее во Амбасадата на Еквадор во Лондон. Во интервјуто за неколку медиуми по повод одбележување на годишнината, Австралијанецот вели дека нема намера да ја напушти дипломатската зграда, се додека во Шведска не бидат повлечени обвиненијата за криминал од сексуален карактер.
Асанж, како што вели, доволно е силен за да остане уште пет години во амбасадата на Еквадор во Лондон каде се „засолни“ пред една година за да ја избегне екстрадицијата во Шведска, јавуваат денеска британските медиуми. Тој во своите изјави изразува надеж дека би можел да излезе, но смета дека се понудени многу малку докази дека ќе му биде пронајдено ново одредиште во скоро време.
„Не би рекол дека нема да ја напуштам, но моите адвокати ме советуваа дека не би требало да ја напуштам амбасадата поради опасност од апсење во врска со ризикот од осудување и спроведување на казна во САД“, вели Асанж.
Основачот на Викиликс веќе една година е под 24-часовен полициски наздор на Скотланд Јард кои имаат налог да го уапсат доколку излезе пред вратите на амбасадата. „Будното око“ на лондонската полиција се проценува дека го чини Обединетото кралство и до три милиони фунти, наведува британскиот весник Индепендент.
На новинарското прашање, дали неговата одлука да се сокрие во амбасадата не била грешка Асанж вели: „Стратегиски тоа беше правилен чекор“.
Тој ги демантира гласините дека неговото здравје е влошено, изјавувајќи дека работи по 17 часа дневно и редовно прави физички вежби.
Асанж (41) побегна во амбасадата на Еквадор кон крајот на јуни минатата година за да побегне од изрекување на казна во Шведска, која го бара поради сослушување врзано за сексуален напад и силување, што Австријанецот ги негира, и верува дека Шведска сака „да го предаде во рацете на САД“ за кои верува дека ќе му судат за шпионажа, дела за кое може да заработи доживотен затвор.
Пред два дена, министрите за надворешни работи на Велика Британија и на Еквадор седнаа на иста маса, но средбата не доведе до излез од ќор-сокакот, тие се договорија да се формира работна група која ќе се обиде да најде решение за ситуацијата со Асанж.
Викиликс објави лавина од тајни дипломатски и воени тајни на интернет во 2010, претежно американски доверливи податоци, што се смета за едно од најголемите протекувања на информации во американската историја.