/ Прочитано:

1.262

Една година по донесувањето на Законот за заштита на укажувачите: Мал е бројот на оние што пријавуваат незаконско работење

Луѓето се плашат да пријават какво било незаконско и неетичко однесување во компанијата во која работат, без разлика дали станува збор за државниот или за приватниот сектор. Нивните стравувања се во поглед на тоа дека ќе го изгубат работното место, дека ќе бидат деградирани од моменталната позиција (функција што ја извршуваат), па дури и дека тоа ќе има последици и по нивните семејства. Сметаме дека не е доволно да имаме Закон само на парче хартија.

Укажувачи свирче

Законот за Заштита на укажувачите е донесен точно пред една година, но не се спроведува целосно во пракса. Институциите не им обезбедуваат заштита на вработените кои би сакале да пријават незаконско и неетичко однесување внатре во компанијата. Законот нема да заживее сè додека не се имплементира подеднакво од сите и подеднакво за сите, без никаква селективност и толеранција кон некои, изјави Слаѓана Тасева, претседател на „Транспаренси интернешнл“.

На денешната тркалезна маса, на која беа споделени искуствата од моментот на донесување на Законот до денес, беше укажано дека институциите мора да создадат соодветни услови, да го почитуваат Законот, а со тоа и да им дадат шанса на луѓето, односно на вработените да пријавуваат незаконско однесување.

„Имаме навистина одличен Закон во кој се вградени најдобрите искуства и практики од европските закони, но, за жал, тој не функционира онака како што треба. Сите наши досегашни анализи покажуваат дека луѓето се плашат да пријават какво било незаконско и неетичко однесување во компанијата во која работат, без разлика дали станува збор за државниот или за приватниот сектор. Нивните стравувања се во поглед на тоа дека ќе го изгубат работното место, дека ќе бидат деградирани од моменталната позиција (функција што ја извршуваат), па дури и дека тоа ќе има последици и по нивните семејства. Сметаме дека не е доволно да имаме Закон само на парче хартија“, изјави Тасева.

Амбасадорот на Холандија во Македонија, Воутер Пломп, рече дека Холандија е силен поддржувач на овој закон бидејќи борбата против корупцијата е едно од најважните прашања кое ќе мора да го решат земјите од Западен Балкан на нивниот пат кон Европската Унија.

„Холандија инвестира многу во процесот на интеграција на Македонија во Европската Унија, особено во областите како што се владеење на правото и човековите права. Сметам дека квалитетот на демократијата зависи од тоа колку е силно критичкото размислување на народот. Јавните дебати треба да бидат секојдневие за сите прашања што се однесуваат на јавноста. Во овој контекст, сакам да кажам дека треба отворено и постојано да се зборува за Законот за заштита на укажувачите и за да се имплементира, односно за да функционира во пракса, треба да се преземат конкретни мерки со цел луѓето да се охрабрат да пријавуваат незаконско работење. Институциите и граѓаните имаат одговорност да го спроведат Законот за заштита на укажувачите целосно бидејќи демократијата ја поседуваат граѓаните, а не политичарите“, изјави амбасадорот Пломп.

Од Канцеларијата на Народниот правобранител посочија дека, дури и при донесувањето на Законот, оваа институција не била вклучена, ниту пак ѝ била дадена можност за одредени забелешки. Зоран Билбилоски, државен советник во Канцеларијата на Народниот правобранител, истакна дека во Законот за заштита на укажувачите се вклучени обврските на институциите, но не се предвидени средства за вработување на лице кому вработените би му ги пријавувале случаите на незаконско и неетичко работење.

„Она што сакам да го потенцирам е дека кај луѓето владее страв и немаат доверба во институциите од кои треба да добијат соодветна заштита кога треба да пријават случај на незаконско однесување. Сметаат дека селективноста од страна на првите луѓе на компаниите е силно изразена, па нивни најчести искази се: ‘Имам бизнис, сè ќе упропастам’,  ‘Не смеам да објавам ништо, којзнае што ме чека’, рече Билбилоски.

На денешната расправа беше нагласено дека сите институции се одговорни за спроведување на Законот и треба да воспостават заштитено пријавување, односно треба да имплементираат механизам кој ќе мора да почне да функционира со цел целосна заштита на укажувачите.  

А. Б.