/Прочитано:

459

Една третина од компаниите се основани од жени, но тие се на раководна позиција само на хартија

Зајакнувањето на економската позиција на жените во урбаните и во руралните средини, како и еднаквите можности за активно вклучување на пазарот на труд и раководењето со повисоки позиции можат да бидат клучни во менувањето на економската моќ на земјата, беше заклучокот на денешната прес-конференција во организација на Сојузот на стопански комори, Здружението на бизнис жени и Националната федерација на фармери.

Потпретседателката на Сојузот, Габриела Кулебанова, истакна дека, во согласност со податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) обработени на годишно ниво за 2017 година, голем процент од работоспособните жени во Македонија не се активни на пазарот на трудот. Така, од работоспособните мажи 53,5 отсто биле вработени, а невработени – 15,8 проценти, додека пак неактивни – 30,7 отсто. За разлика од нив, од работоспособното население кај женската популација 34,6 отсто биле вработени, невработени – само 9,7 проценти, но неактивни биле високи 55,7 отсто.

„Сето ова укажува на фактот дека жените не само што тешко доаѓаат до раководни позиции, туку дека тие се надвор од пазарот на трудот. Во согласност со анализите, тоа се должи на стереотипната перцепција за улогата на жените во општеството, како и фактот дека голем дел работат во рамките на сивата економија. Дополнително, иако дури една третина од компаниите во државава се основани од жени и официјално жени се назначени на највисоката раководна позиција, во пракса тоа воопшто не е така, поточно тоа е само на хартија, додека таа функција реално ја вршат мажите. Од аспект на застапеноста на жените во управувачките структури во компаниите, во нашата земја не постојат релевантни податоци за комплетна анализа. Несомнена е улогата на жените за развој на приватниот бизнис и за севкупниот економски раст“, истакна Кулебанова и додаде дека е неопходно сите чинители во општеството да се фокусираат на обезбедување еднакви можности за жените особено на повисоките позиции бидејќи тие често се работна сила на пониско ниво, а во одредени случаи жена со исти работни карактеристики како маж заработува 17,9% помалку, односно жената би морала да работи дополнителни 65 дена за да ја оствари истата плата како и мажот.

Валентина Дисоска, претседател на Здружението на бизнис жени, истакна дека економското јакнење на жените преку создавање на поволна бизнис-клима и обезбедување поддршка за развој на нивниот претприемачки потенцијал ќе придонесе за развој на постојните и за отворање нови претпријатија, за креирање на нови работни места, а со тоа и за јакнење на целокупната економија.

„Детектирани се најголемите предизвици на жените кога сакаат да започнат деловни потфати, а тие се: пристапот до финансии и информации, пристапот до знаење и вештини за претприемништво, пристапот до бизнис-мрежи и ускладување на работниот и семејниот живот. За да се одговори на овие предизвици потребно е: креирање на поволен деловен амбиент за развој на женското претприемништво преку координација во креирање и спроведување на политики за развој на женското претприемништво, понатаму анализа на регулативата која влијае на претприемачката активност на жените, како и креирање на статистиката за следење на деловната активност на жените. Притоа треба да обезбедиме системска поддршка за развој на женското претприемништво, како што се: подобрување на пристапот до поволни форми на финансирањe, обезбедување на потребните знаења и вештини, со посебно нагласување на зајакнато присуство на жените во креирањето на политики за развој на претприемништво, изјави Дисоска.

Васка Мојсовска, претседател на Националната федерација на фармери, истакна дека посебно внимание посветуваат на маргинализираните групи во руралните средини, како што се: жените и младите, со особен акцент на жените кои се невидливи потпори во руралните средини.

„Само 5% од руралните жени се сопственици на имот и земјоделско земјиште и најголема пречка и понатаму се традиционалните норми, каде што се префрла имот на мажите. Највисоки стапки на невработеност се забележани кај младите рурални жени, од кои 59% се на возраст од 20 до 30 години. Околу 64 проценти од руралните жени не се активни на пазарот на труд и најголема причина се негата на децата, неплатената работа во домаќинствата и семејните фарми. Потребни се ефективни, а не дискриминаторски мерки како мерката 115 во четиригодишната Програма за рурален развој 2018 – 2021, во која се поставени дискриминаторски услови за поддршка за активен женски член во земјоделското домаќинство, односно се бара жената да е во брак, да има родено едно дете, да е невработено лице, домаќинка и да живее во населено место од 200 жители, на надморска височина од 700 метри. Бараме оваа мерка да постои и да се редефинираат условите за апликација, која ќе ги опфати регистрираните земјоделки, истакна Мојсовска и додаде дека е потребно Владата да воспостави сет на економски мерки за зголемување на можностите за вработување на жените во руралните средини, мерки со кои ќе се препознае неплатениот труд на жените за грижа за семејството и земјоделската работа, остварување на правото на пензија и породилното отсуство.

Рамноправноста помеѓу мажите и жените претставува еден од темелните принципи на Европската Унија, а еднаквата застапеност на жените и мажите на пазарот на трудот е едно од клучните подрачја на кои Европската Унија ја проверува примената на принципот на рамноправност. Претприемачкиот потенцијал на жените е неискористен извор за економски раст и вработеност кој треба да се активира.

М.В