/ Прочитано:

2.189

Еднаквост и елиминирање на стереотипите – во подготовка нов Закон за родова еднаквост

Министерството за труд и социјална политика подготвува нов Закон за родова еднаквост. Целта на законот, посочуваат од МТСП,  е да се обезбеди остварување на потполна родова еднаквост во сите сфери на јавниот и приватниот живот со зајакнување на положбата и статусот на жената во општеството и овозможување на еднакви можности за остварување на сите права преку унапредување на родовата еднаквост.

„Овој закон ќе придонесе да се надминат пречките и недостатоците во ефикасното обезбедување на еднаквост и елиминирање на стереотипите преку зајакнување на положбата и статусот на жената во општеството, еднаков пристап до ресурси и еднакво учество во донесување на одлуки во сите сфери на општествено живеење“, образложуваат од Министерството за труд и социјална политика.

Со овој закон, додаваат од МТСП, ќе се уредат мерките за остварување на родовата еднаквост, примената на родовата интеграција, надлежностите и обврските на субјектите одговорни за спроведување на законот, родовите механизми и начинот на следење и известување за резултатите од спроведувањето на законот.

При првичната најава на креирањето ново законско решение за родовата еднаквост, од МТСП истакнаа дека ова законско решение се подготвува низ процес на широки консултации како со невладиниот сектор и експерти за човекови права, така и со сите институции кои ќе добијат одредени обврски и надлежности.

Со законското решение се обезбедуваат три нови механизми кои ќе обезбедат зајакнат надзор на спроведувањето на политиките на родова еднаквост и на централно и на локално ниво, но и воведување на принципот на задолжително родово одговорно буџетирање за сите институции.

Од МТСП посочија дека за подготовката на новиот Закон за родова еднаквост во фазата на подготовка известена е и Венецијанската комисија и секретарката на Венецијанската комисија, Симона Граната Менгини, според која широките консултации се многу важни за креирање на добри законски решенија и дека од големо значење е што Венецијанската комисија е консултирана уште во рана фаза на  подготовка на законското решение.

Инаку, родовата еднаквост во актуелните законски решенија е регулирана со Законот за еднакви можности на мажите и жените. Со овој закон се уредува остварувањето на принципот на еднакви можности и еднаков третман на жените и мажите, основните и посебните мерки за воспоставување на еднакви можности на жените и мажите, правата и обврските на одговорните субјекти за обезбедување на еднакви можности на жените и мажите, постапката за утврдување нееднаков третман на жените и мажите, како и правата и должностите на Застапникот за еднакви можности на жените и мажите, како определено лице за спроведување на постапката за утврдување нееднаков третман на жените и мажите.

Според овој закон, под „Еднаквите можности на жените и мажите“ се подразбира промовирање на начелото за воведување еднакво учество на жените и мажите во сите области од јавниот и приватниот сектор, еднаков статус и третман во остварувањето на сите права и во развојот на нивните индивидуални потенцијали преку кои тие придонесуваат во општествениот развој, како и еднакви придобивки од резултатите произлезени од тој развој.

„Еднаков третман“ е отсуство на директна или индиректна дискриминација врз основа на пол согласно со овој или друг закон, додека пак „еднаквата застапеност“ е секоја процентуална застапеност на одреден пол која не е помала од процентот на застапеноста на тој пол во вкупната популација.