/ Прочитано:

4.452

Еднаквост на оружјата и рамноправност на страните во постапките се клучни принципи за правичното судење

Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, во соработка и со финансиска поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, одржува дводневно советување на тема: „Улогата на судечкиот судија во доказната постапка“.

На советувањето, кое е наменето за судии од кривичните оддели од сите апелациски подрачја, говореа: Габриела Гајдова, судија во Основен суд Велес, Марк Кован, јавен обвинител од Канада и Омер Хаџи Омеровиќ, судија во Апелациониот суд во Белград.

Во врска со улогата на судијата во доказната постапка за правата на одбраната во согласност со начелото за еднаквост на оружјата на денешното советување беше истакнато дека во смисла на чл.6 од ЕКЧП, судовите во РМ треба да овозможат рамноправност на странките, што значи дека секоја страна мора да добие разумна можност да го презентира својот случај под услови што не ја ставаат во понеповолна положба наспроти спротивставената страна.

Лицето, пак, обвинето за кривично дело има право во правично и јавно судење пред независен и непристрасен суд, во контрадикторна постапка, да може да ги оспорува обвиненијата против него и да предлага и изведува докази во своја одбрана. Судот, преку претседателот на Советот, е должен да се грижи за достоинството на обвинетиот и за остварување на неговите права во текот на постапката.

Во текот на главната расправа, судот е должен да го поучи обвинетиот за неговите права и обврски во текот на постапката. Доколку, пак, обвинетиот не го разбира обвинението, судот е должен накратко да му ја изнесе неговата содржината на начин најразбирлив за него. Исто така, судот е должен да го поучи обвинетиот за правните последици од изјавата за признавање на вина.

Во текот на постапката, одбраната има право да бара податоци, известувања и документи, да биде известена од Јавното обвинителство за сите истражни дејствија,  да предложи доказно рочиште.

Странките, беше посочено на советувањето, треба да се многу активни и умешни во прибирањето на доказите за поткрепување на својата „теорија на случај“, особено јавниот обвинител, на кого е товарот на докажување, кој, пак, во согласност со својата професионална етика треба да му овозможи на судот да донесе праведна одлука, а не осудителна пресуда.

Ова е значајно, беше нагласено на советувањето, од причина што доколку јавниот обвинител не достави докази со кои се докажува вината надвор од разумно сомневање, на судот, кој има ограничена доказна иницијативност, му преостанува само да донесе ослободителна пресуда.

За правично судење, потребно е и суштинско почитување на принципот на еднаквост на оружјата кој е дел од еден поширок концепт на правично судење во смисла на чл.6 ст.1 од ЕКЧП. Тоа подразбира фер баланс помеѓу странките: секоја страна треба да добие разумна можност да го презентира својот случај под услови кои не ја ставаат во понеповолна положба наспроти спротивставената страна.

Во таа насока, на настанот беше посочена дилемата дали наод и мислење изготвени по барање на одбраната без наредба од јавен обвинител може да се прифатат како доказ во постапката, врз основа на чл.6 од ЕКЧП, чл.244, 245 и 385 од ЗКП и цитираното правно мислење на Врховниот суд на Република Македонија во кое се истакнува дека вештачење предложено и изготвено по барање на одбраната може да биде прифатено како доказ.

Исто така, според правното мислење на Врховниот суд на Република Македонија и во согласност со пресудата на ЕСЧП бр.17995/02 од 25.4.2007 година со која е утврдена повреда на правото на фер и правично судење и принципот на еднаквост на оружјата утврдени во чл.6 ст.1 од ЕКЧП, изразено како право на странките во постапката да предлагаат изведување на алтернативни експертски испитувања (вештачења), судовите во РМ треба да овозможат рамноправност на странките, што значи дека секоја страна мора да добие разумна можност да го презентира својот случај под услови кои не ја ставаат во понеповолна положба наспроти спротивставената страна.

М.В