/ Прочитано:

1.844

Едно од решенијата за нехуманите услови во затворите е донесување закон за амнестија, смета претседателот на Владата

Претседателот на Владата на РМ, Зоран Заев, заедно со Народниот правобранител Иџет Мемети и извршниот директор на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија, Уранија Пировска, во својство на Национален превентивен механизам денеска го посетија Казнено-поправниот дом „Идризово“.

Посетата, велат од Канцеларијата на Народниот правобранител, е резултат на барањето на Националниот превентивен механизам, во чии извештаи со години наназад се алармира за катастрофално лошите услови од секаков аспект во затворите.

По посетата на казнено-поправниот дом, претседателот на Владата на РМ рече дека таму нема минимум хумани услови за издржување на казна. Ако според стандардот треба да има 850 затвореници, овде, посочи премиерот Заев, во Идризово има 1.850 затвореници.

„Срам ми е што сум премиер на држава со ваков затвор. Едно од решенијата е законот за амнестија, тема која е веќе отворена, веќе неколку невладини организации имаат отворено дебати, а Народниот правобранител и Министерството за правда имаат свое мислење“, рече Заев.

Очекувам, додаде Заев, да се отвори дебата, пред сè, од институциите кои се надлежни и многу често повикани од Народниот правобранител и Хелсиншкиот комитет, како и од многу граѓански организации и активисти.

„Ќе го отвориме ова пред самите институции за да можат да ја донесат одлуката, соодветно на она што меѓународната практика го познава. Убеден сум и знам оти мора да се тргне кон оваа постапка, истакна Заев.

М.В