/ Прочитано:

1.338

ЕФЕКТИВНА БОРБА ПРОТИВ ШВЕРЦУВАЊЕТО МИГРАНТИ: Првата акција во истрагата е најважна, советуваат италијанските обвинители и судии

Заврши дводневниот семинар посветен на темата „Ефективна борба против шверцување мигранти“, на кој италијанските обвинители и судии пред своите македонски колеги дискутираа за најдобрите практики за подобрување на успешното гонење и донесување на пресуди во случаите на шверцување мигранти и заштита на мигрантите

akad 2

Како одговор на барањето за градење на капацитетите на судиите и обвинителите, Академијата за судии и јавни обвинители и Глобалната програма против шверцување мигранти на УНОДЦ (United Nations Office on Drugs and Crime) го организираа овој семинар за ефективна борба против шверцувањето мигранти, со финансиска поддршка на Бирото за меѓународни прашања за наркотици и спроведување на законот (Bureau of International Narcotics and Law Enforcement Affairs – INL) на Стејт департментот на Соединетите Американски Држави.

На настанот, на кој присуствуваа македонски обвинители и судии, говореа Димче Пажески, јавен обвинител на Вишо јавно обвинителство Битола, Симона Рагаци, судија во Судот на Катанија, Италија, Министерство за правда и Дарио Скалета, обвинител во Канцеларијата на заменикот на обвинителот во Судот на Палермо, Министерство за правда.

akad 2

Во своите воведни излагања Рагаци и Скалета говореа за меѓународната правна рамка и конвенциското право за борба против шверцувањето мигранти, и тоа од аспект на Конвенцијата на Обединетите нации за транснационален организиран криминал и Протоколот за шверцувањето на мигранти, кој  денес брои 142 држави-членки,  но и за тоа како да им се помогне на државите во нивните заложби за ефективна имплементација.

„Протоколот  има за цел да го спречи шверцувањето мигранти, да ги заштити правата на шверцуваните мигранти и да промовира соработка меѓу државите-членки за таа цел“, посочија претставниците на италијанското правосудство.

Во таа насока, тие говореа за важноста од меѓународна соработка за судско и законско спроведување на случаите за шверцување мигранти, нагласувајќи го значењето на навременото спроведување на истрагата како фундамент во борбата против шверцувањето.

slika

„Она што треба да се сфати е дека првата акција во однос на истрагата е од фундаментално значење и тоа ќе ја одреди и понатамошната истрага. Многу е важно обвинителот уште на почетокот да ја преземе контролата околу истрагата“, рече  италијанскиот обвинител Скалета додавајќи дека  шверцувањето мигранти е прашање и на организиран криминал.

„Најдобар начин да се бориш против Коза ностра е кога таа прво економски ќе биде ослабена“, додава Скалeта.

Истакнувајќи го значењето на  соработката на заедничките државни тимови за борба против организираниот криминал, тој  посочи дека земјите што се соочуваат со овој тип на организиран криминал имаат поинаква перцепција за мигрантското прашање и за шверцувањето  мигранти за разлика од земјите што не се соочуваат директно со овие прашања.

Надоврзувајќи се на излагањето на обвинителот Скалета,  судијата Рагаци додаде дека е потребно да постои солидарност меѓу државите во однос на соработката во спроведувањето на законот, споделувањето на информации во случаи на шверцување мигранти  и функционирањето на заедничките истражни тимови.

akad 2

„ЕУ функционира врз основа на заедничката европска политика за слобода еднаквост и правда и во таа смисла  потребно е правните системи на државните членки да соработуваат во име на заемната соработка. Тоа, иако може да се гледа како политичко прашање, нужно треба да се постави како предуслов за овозможување на правните механизми за борба против шверцувањето“, рече Рагаци, посочувајќи дека таквата соработката посебно треба да биде реализирана на Балканот.

Таа понатаму говореше за улогата на шверцуваните мигранти  во истрагата и во судските постапки, а заедно со македонските обвинители и судии ги дискутираше и случаите од различна јурисдикција со сличен правен систем, кои се користат за да се истражат релевантните прашања во случаите на шверцување мигранти.

akad 2

Дополнително се анализираа и прашањата за екстрадицијата, човековите права и шверцувањето мигранти, мерките за заштита и помош во рамките на Конвенцијата на Обединетите нации против транснационалниот организиран криминал и шверцот на мигранти протокол и заштитата на бегалците и барателите на азил.

Обвинителот Пажески, надоврзувајќи се на прашањето за меѓународната правна рамка,   се осврна на домашната правна рамка, за компаративните методи и техники на истрагата во случаите на шверцување мигранти, но и за прашања од судската пракса.

Како интересно прашање од судската пракса, обвинителот  ја посочи пресудата од Стразбур во врска со случајот на таксистот од Прилеп, кој не знаел дека превезува албански државјани кои нелегално ја преминале границата и кој ја доби правдата пред Европскиот суд за човекови права.

akad 2

Судиите и обвинителите констатираа дека во однос на предметите поврзани со шверцувањето мигранти наоѓаат поинаков пристап од минатото и, како што подвлекоа, за тие прашања има „движење во сфаќањата“, што се должи и на поминатите советувања и користењето на искуствата и едукацијата како што е настанот на кој присуствуваа.

М.В