/ Прочитано:

884

ЕК: Хрватска подготвена на 1 јули да се приклучи кон Европската унија

Вторник, 26 март 2013 – Хрватска е подготвена да се приклучи кон Европската Унија на први јули годинава соопшти денеска Европската Комисија (ЕК) во финалниот извештај за источно-европските земји. Според ЕК, Хрватска ги исполнила десетте приоритетни активности, посочени во претходниот извештај во октомври минатата година. 

„Државата покажа волја да одговори на останатите ангажмани пред датумот на приклучувањето“, додава ЕК.

Еврокомесарот за проширување Штефан Филе изјави дека извештајот е добра вест и додаде дека Хрватска работела напорно на спроведување на реформите.

„Оваа земја направи огромни чекори не само по завршувањето на пристапните преговори, туку и од последниот извештај на Европската комисија. Постигнатите резултати се од директна корист на граѓаните и земјата сега е подготвена да го заземе своето место во ЕУ и сите ние со нетрпение го очекуваме завршувањето на ратификацијата на Договорот за пристапување и приемот на Хрватска во ЕУ на 1 jули“, истакна  Филе по денешното церемонијално доставување на последнито мониторинг-извештај во Загреб.

Според Филе, како што јави дописникот на МИА од Брисел, Хрватска е успех за проширувањето и доказ за кредибилитетот на политиката на проширувањето кога земјата-кандидат „ги испорачува критериумите и заложбите на ЕУ со што обезбедува перспектива за членство“.

„Ова е исто така добар пример и за остатокот од регионот во приближувањето кон Унијата“, додаде Филе, пренесува МИА.