/ Прочитано:

1.606

ЕК со прекршочни постапки против Унгарија, Полска и Чешка за непримање на бегалци

Димитрис Аврамопулос, еврокомесар за миграција, изјави дека Европската комисија ќе преземе ваков ригорозен чекор, бидејќи и по една година настојување и повикување на солидарност, а пред сè, повикување на исполнување на законските обврски за релокација на бегалците кои важат за сите земји членки на Европската Унија, Унгарија, Полска и Чешка остро се спротивставуваат. 

Европската комисија ќе покрене прекршочни постапки против Унгарија, Полска и Чешка поради неисполнување на обврските за прифаќање на бегалците, кои главно, а и најголем број од нив се стационирани во прифатните центри во Грција и во Италија.

Димитрис Аврамопулос, еврокомесар за миграција, изјави дека Европската комисија ќе преземе ваков ригорозен чекор, бидејќи и по една година настојување и повикување на солидарност, а пред сè, повикување на исполнување на законските обврски за релокација на бегалците кои важат за сите земји членки на Европската Унија, Унгарија, Полска и Чешка остро се спротивставуваат. 

„Овие три земји ништо не направија по тој повод. Унгарија не се ни обврза да преземе бегалци, ниту пак некого прифати. Полска се обврза, но не прифати никого, а Чешка ништо не направи во последната година“, потенцираше еврокомесарот за миграција, Аврамопулос во Стразбур.

Во своето соопштение, Европската комисија наведува дека повеќе пати ги повикала тие земји да разместат бегалци во своите земји или барем да ветат дека ќе го направат тоа, нагласувајќи притоа дека Унгарија, Полска и Чешка зазеле целосно игнорирачки став околу ова сериозно прашање, а со тоа директно ги прекршиле своите законски обврски.

„Чешка, Унгарија и Полска досега не го променија ставот дека не сакаат да примат бегалци според договорениот систем на квоти. Ова е основната причина поради која Европската комисија денеска одлучи да покрене прекршочна процедура против Унгарија, Полска и Чешка“, се вели во соопштението на Европската комисија.

Планот за прифаќање на бегалци на период од две години, односно релокација во повеќе европски земји на околу 160 илјади бегалци кои се наоѓаат во бегалските кампови во Италија и во Грција, Европската Унија го усвои речиси пред две години, односно во септември 2015 година.

Според европските лидери, процесот тече многу бавно, па во изминатиот период се преместени точно 18.770 бегалци, а меѓу земјите што прифатија најголем број бегалци се Германија, Франција и Шведска.

Инаку, пред точно еден месец Европскиот парламент повторно ги повика земјите од Европската Унија да ги исполнат своите обврски за прифаќање на лицата кои бараат азил од Грција и Италија, а приоритет да им се даде на малолетниците и лицата без придружба.

Уште тогаш, пратениците во Европскиот парламент оценија дека Европската комисија треба да размисли за процедури во случаи на прекршување на обврските и дека мерките за преместување треба да се продолжат до реформирање на системот од Даблин.

Европратениците го осудија фактот дека и покрај спогодбата за префрлање на 160.000 бегалци од Грција и Италија до септември 2017 година, до овој момент државите членки презеле само 11 отсто од нивниот вкупен број или до 16 мај само 18.770 лица. Тие за разочарувачки го сметаат недостигот на солидарност и споделување на одговорноста.

Во резолуција што беше усвоена со 398 гласа „за“, 134 „против“ и 41 „воздржан“, Парламентот ги повикува државите членки да ги исполнат своите обврски и приоритет да му дадат на преместувањето на децата без семејства и на други ранливи категории лица. Европратениците посочија дека во овој момент само едно малолетно лице било преместено.

Европратениците критикуваа повеќе држави членки за ограничувачките и дискриминаторски преференции, како на пример, преместување само на самохрани мајки или исклучување на азиланти од определени националности, како Еритрејците, па и примена на преголеми и сеопфатни безбедносни проверки.

Парламентот јасно порача дека доколку земјите членки до септември не ги постигнат поставените цели за преместување на бегалците, тие ќе треба да продолжат да ги прифаќаат лицата кои одговараат на условите за прифаќање.

Европратениците предлагаат продолжување на рокот за распределување на бегалците до прифаќањето на нова спогодба.

Истовремено, австрискиот министер за надворешни работи, Себастијан Курц, апелира да се затвори медитеранската рута, според примерот на балканската.

„Единственото решение на шверцерите со бегалци и мигранти да им се одземе работата и да се стави крај на смртните случаи на Средоземното Море е затворањето на поморската рута која води до Европа. Бегалците спасени од Средоземното Море треба да бидат директно враќани во прифатните центри во Тунис и Египет“, изјави австрискиот шеф на дипломатијата.

Курц е уверен дека и Тунис и Египет ќе прифатат ваков предлог доколку Европската Унија им даде атрактивна понуда.

Во бегалските центри во северна Африка, според него, не би требало да постои можност мигрантите да поднесуваат барања за азил, бидејќи, како што појаснува Курц, тоа би довело луѓето од цела Африка да тргнат кон Египет или Тунис.

Единствениот легален пат воените бегалци да дојдат до Европа е Програмата за преселување, според која меѓународните организации ќе ги предлагаат луѓето во кризните региони за преселување. Курц истакнува дека на тој начин реално ќе им се помага на сиромашните, а не на оние што можат да си ги дозволат услугите на шверцерите.

А. Б.