/ Прочитано:

7.171

Економски криминалитет

„Од аспект на сторителите овој криминалитет, како „темна страна на бизнисот“ тоа се најчесто добро ситуирани, високообразовани, интелигентни луѓе, кои добро ги познаваат економските текови, прописите, можните малверзации, манипулации при стапувањето во деловни односи, функционирањето на системите на котрола и ревизија и софистицираните начини на избегнување на даноците, меѓутоа со ниски морални квалитети, егоисти...“

euros-and-handcuffs

АВТОРИ: Дамјан Самарџиски и Златко Јакимовски / Авторите се дипломирани правници на Правниот факултет „Јустинијан Први“, студенти на постдипломски студии по казнено право

1. Општествено значење на стопанскиот(економскиот) криминалитет

Не е неопходно посебно да се потенцира какво е значењето на економијата и стопанството за секое општество (држава), во смисла на развојот, создавањето на општественото богатство, стандардот на животот на граѓаните, квалитетот на животот, социјалната заштита, безбедноста и сигурноста на сите и со тоа перспективата и иднината на општеството. Од суштественото значење на стопанството во општеството призлегува и големината на општествената опасност од девијантните, незаконити, противправни однесувања во таа област, преку сторување на деликти со кои се повредуваат индивидуалните и општествените правни добра на стопанскиот живот заради стекнување на нелегалните богатства на штета на другите. Големината и распространетоста на стопанскиот криминал е огледало на степенот на криминализацијата на општеството во оваа сфера, односно економскиот криминалитет е најдобар, најсилен индикатор за поставеноста, функционирањето и состојбите во стопанскиот и економскиот систем на тоа општество.

Практично овој тип на криминалитет се јавува во сите стопански области, индустријата, трговијата, банкарстото, секаде каде што се можни остварувања на нелегални добивки, што значи дека истиот се прилагодува на стопанските текови и е во постојана динамика. Криминалитетот се прилагодува на промените најчесто побрзо од законодавството, пред да бидат инкриминирани одредени дејствија како казниви дела, постојано е чекор пред законодавецот, рамо до рамо со најновите технологии, како на пример генетскиот инженеринг во прехрамбената индустрија и иновациите во информатичката технологија. Таа прилагодливост и динамика на стопанскиот криминалитет, заедно со поврзаноста со државните структури, е причина за неговата комплексност и сложеност, како и особено тешко превенирање, откривање, докажување и казнување од страна на органите на прогонот.

Од аспект на сторителите овој криминалитет, како „темна страна на бизнисот“ тоа се најчесто добро ситуирани, високообразовани, интелигентни луѓе, кои добро ги познаваат економските текови, прописите, можните малверзации, манипулации при стапувањето во деловни односи, функционирањето на системите на котрола и ревизија и софистицираните начини на избегнување на даноците, меѓутоа со ниски морални квалитети, егоисти и среброљубци. Притоа не треба да се занемари и можната криминализација на сопствениците на малите и средните претпријатија кои се често потикнати од мотивите на брзо збогатување. Сторителите се поврзуваат со државните функционери, носители на важни одлуки за стопанството и економијата, барајќи можности за корупција на истите и преку тоа обезбедување на заштита за своите криминални активности, при што успешната пенетрација во државните структури доведува до катастрофални последици за државата, уривање на принципот на владење на правото, кршење на човековите права и слободи, се запира и назадува развојот на демократијата во општеството. Можни се и влијанија на политичките партии преку финансирање на политичките изборни кампањи било да се работи за партии од власта или опозицијата. Доколку таквите влијанија наидат на плодна почва и криминалитетот успее да се вгнезди во институциите на власта доаѓа до спрега со органите на котролата и прогонот, што обезбедува ширење на криминалитетот и политизација на истиот, со можност криминалот да се прифати како „стил на живеење“, како и криминализација на политиката, која ќе го прифати криминалитетот како метод на остварување на политичките цели и политичката борба. Особено негативни и штетни се влијанијата на репресивните органи, полицијата, обвинителството и судството (најчесто преку корупција, фиктивните стечаи и др), така што органите на прогон на криминалитетот стануваат негов заштитник и соучесник, што преставува тотален крах на приниципот на владеење на правото и крај на правната држава.

Огромни се штетите (како материјални, така и нематеријални) што ги предизвикува стопанскиот криминалитет, како за секој поединец, така и за општеството во целина, при што со оглед на прикриеноста на истиот и големата „темна бројка“ на неоткриените кривични дела, станува збор за штети кои не можат со сигурност да се утврдат, на пример во случаи на кршење на правата на потрошувачите, со измами на големи групи на граѓани, кои како жртви најчесто и не се свесни за претпената штета и висината на остварената нелегална корист од страна на измамниците…

> Целосниот текст на трудот можете да го проследите ТУКА.