ЕКСКЛУЗИВНО: ДЕКЛАРАЦИЈАТА ЗА НЕЗАВИСНОСТ НА КРИМ, споредена со Декларацијата за независност на Косово
Понеделник, 7 април 2014 – Правниот акт со кој беше официјализирана волјата за независност на автономната област Крим претставува клучниот документ како неоходен правен услов со кој Врховниот Совет на Автономната област на Крим ја искажа својата волја за независност проследена со референдум, повикувајќи се на принципите на меѓународното право, но и на она што е особено интересно – потврдата на Меѓународниот Суд на ООН во однос на прашањето за Косово.
ОДЛУКА НА ВРХОВНИОТ СОВЕТ НА РЕПУБЛИКА КРИМ
За Декларацијата на независност на автономната област на Крим и градот Севастопол
Врховниот Совет на Автономната област на Крим одлучува:
1. Да се утврди Декларацијата за независност на автономната област на Крим и градот Севастопол.
2. Сегашната одлука стапува на сила од денот на објавување.
Претседател на Врховниот совет на Автономната Република Крим В. КОНСТАНТИНОВ
г. Симферопол, 11 март 2014 година
ДЕКЛАРАЦИЈА ЗА НЕЗАВИСНОСТ НА АВТОНОМНАТА ОБЛАСТ НА КРИМ И ГРАДОТ СЕВАСТОПОЛ
Ние, пратениците на Врховниот Совет на Автономната област на Крим и Севастополскиот Градски Совет, врз основа на одредбите на Повелбата на Обединетите Нации и други меѓународни документи, зацврстувајќи го правото на самоопределување на народите, а исто така земајќи ја во предвид потврдата на Меѓународниот Суд на ООН во однос на прашањето за Косово од 22 јули, 2010 година дека едногласното прогласување на независност на еден ден од држава не прекршува никакви норми на меѓународното право, ја донесуваме следната одлука:
1. Доколку после резултатите на 16 март 2014 година на заедничка воља на кримскиот народ биде донесено решение за влез на Крим, вклучувајќи ја и Автономната област на Крим и градот Севастопол во составот на Русија, Крим после референдумот ќе биде прогласен за независна и суверена држава со републиканска форма на управување.
2. Република Крим ќе биде демократска, светска и многунационална држава, која се обврзува да го поддржува мирот, меѓународната и меѓуверска хармонија на својата територија.
3. Република Крим како независна и суверена држава во случај на соодветни резултати од Референдумот и врз основа на соодветен меѓународен договор ќе се обрати кон Руската Федерација со предлог за влез на Крим во улога на нов член на Руската Федерација.
ОДОБРЕНА од Врховниот Совет од Автономната Република Крим на вонредната пленарна седница одржана на 11.03.2014 ОДОБРЕНА од Севастополскиот Градски Совет на на Автономната Република Крим на вонредната пленарна седница одржана на 11.03.2014
ДЕКЛАРАЦИЈА ЗА НЕЗАВИСНОСТ НА КОСОВО
Собирани на вонредна седница на 17 февруари 2008 година, во главниот град на Косово, Приштина,
Одговарајќи на повикот на народот за изградба на едно општество кое го почитува човековото достоинство и ја афирмира гордоста и целите на своите граѓани,
Посветени да се соочиме со болното наследство од блиското минато во духот на помирувањето и простувањето,
Посветени околу заштитата, унапредувањето и почитувањето на разновидноста на нашиот народ,
Реафирмирајќи ја нашата желба за целосно да се интегрираме во евро-атлантското семејство на демократии,
Забележувајќи дека Косово е еден посебен случај кој произлегува од неконзенсуалното распаѓање на Југославија и не е преседан за која било друга ситуација,
Потсетувајќи се на годините на конфликтот и насилството во Косово кои ја вознемируваа совеста на сите цивилизирани народи,
Благодарни што светот интервенираше во 1999 година, отстранувајќи го на овој начин владеењето на Белград врз Косово и ставајќи го Косово под привремена администрација на Обединетите нации,
Горди што Косово оттогаш има развиено функционални и мултиетнички институции на демократијата кои слободно ја изразуваат волјата на нашите граѓани,
Потсетувајќи се на годините на меѓународно спонзорираните преговори помеѓу Белград и Приштина за прашањето на нашиот иден политички статус,
Изразувајќи жалење што не беше постигнат ниту еден прифатлив резултат за двете страни и покрај вистинската посветеност на нашите лидери,
Потврдувајќи дека препораките на специјалниот пратеник на Обединетите нации, Марти Ахтисари му обезбедуваат на Косово една сеопфатна рамка за неговиот иден развој и се во согласност со највисоките европски стандарди за човековите права и доброто владеење,
Решени нашиот статус да се разреши, со цел да му се даде на нашиот народ јасна визија за неговата иднина, да се надминат конфликтите од минатото и да се реализира целосниот демократски потенцијал на нашето општество,
Оддавајќи им почит на сите мажи и жени кои направија големи жртви за да се изгради подобра иднина за Косово,
1. Ние, лидерите на нашиот народ, избрани на демократски начин, преку ова Декларација го прогласуваме Косово за независна и суверена држава. Ова прогласување ја одразува волјата на нашиот народот и е во целосна согласност со препораките на Специјалниот пратеник на Обединетите Нации, Марти Ахтисари и неговиот сеопфатен Предлог за решавање на статусот на Косово.
2. Ние го прогласуваме Косово за демократска, секуларна и мултиетничка република, водена од принципите на недискриминација и еднаква заштита според законот. Ние ќе ги браниме и ќе ги промовираме правата на сите заедници во Косово и ќе создадеме потребни услови за нивното ефективно учество во политичките процеси и во донесувањето на одлуките.
3. Ние целосно ги прифаќаме обврските за Косово содржани во Планот на Ахтисари и ја поздравуваме рамката што ја предлага за развојот на Косово во наредните години. Ние целосно ќе ги исполниме тие обврски, вклучително и преку приоритетно усвојување на легислативата содржана во Анексот XII, особено онаа што ги заштитува и ги промовира правата на заедниците и нивните членови.
4. Ние, што е можно побргу, ќе усвоиме устав што ќе ја одрази нашата посветеност за почитување на човековите права и основните слободи на сите наши граѓани, особено како што се дефинирани во Европската конвенцијата за човекови права. Уставот ќе ги инкорпорира сите релевантни принципи на Планот на Ахтисари и ќе се усвои во демократски и внимателен процес.
5. За нас е добредојдена континуираната поддршка на меѓународната заедница за нашиот демократски развој преку меѓународното присуство востановено во Косово врз основа на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации (1999). Ние го повикуваме и го сметаме за добредојдено меѓународното цивилно присуство за да ја мониторира имплементацијата на Планот на Ахтисари и мисијата за владеење на правото предводена од Европската Унија. Ние, исто така, го повикуваме и го сметаме за добредојдено НАТО да ја задржи лидерската улога во военото меѓународно присуство во Косово и да ги имплементира обврските кои му се дадени според Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации (1999) и Планот на Ахтисари, до оној момент кога институциите на Косово ќе бидат во состојба да ги превземат овие обврски. Ние целосно ќе соработуваме со сите нив, за да го обезбедиме идниот мир, просперитет и стабилност на Косово.
6. Заради културата, географијата и историјата, ние веруваме дека нашата иднина е во европското семејство. Затоа, ние ја изјавуваме нашата намера да ги преземеме сите неопходни чекори за да обезбедиме целосно членство во Европската Унија штом ќе биде можно и да ги спроведеме бараните реформи за европска и евроатлантска интеграција.
7. Ние сме и крајно благодарни на Организацијата на обединетите нации за работата што ја заврши за да ни помогне во обновата и реконструкцијата после војната и во градењето на демократските институции. Ние сме посветени да работиме на конструктивен начин со Организацијата на обединетите нации додека таа продолжува со работа во наредниот период.
8. Со независноста доаѓа обврската за одговорно членство во меѓународната заедница. Ние целосно ја прифаќаме оваа обврска и ќе се придржуваме кон принципите на Повелбата на Обединетите Нации, Хелсиншкиот Завршен документ, другите акти на Организацијата за безбедност и соработка во Европа и меѓународните правни обврски и принципите на добри меѓународни односи што ги одбележуваат односите меѓу државите. Косово ќе има сопствени меѓународни граници како што се предвидени со Анексот VIII на Планот на Ахтисари, и целосно ќе го почитува суверенитетот и територијалниот интегритет на сите наши соседи. Косово, исто така, ќе се воздржи од закана или употребување на сила во каква било форма која не е во согласност со целите на Обединетите нации.
9. Ние, преку ова Декларација, ги превземаме меѓународните обврски на Косово, вклучувајќи ги и оние преземени во наше име од Мисијата на привремената администрација на Обединетите нации во Косово (УНМИК), како и обврските од договорите и другите обврски на поранешната Социјалистичка Федеративна Република Југославија кон кои сме обврзани како поранешен нејзин конститутивен дел, вклучувајќи ги и Виенските Конвенции за дипломатски и конзуларни односи. Ние целосно ќе соработуваме со Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија. Ние имаме намера да бараме членство во меѓународните организации, во кои Косово има цел да придонесе за меѓународниот мир и стабилност.
10. Косово ја изјавува својата заложба за мир и стабилност во нашиот регионот на југоисточна Европа. Нашата независност го доведува до крај процесот на насилен распад на Југославија. Додека овој процес беше болен, ние ќе работиме без престан за да придонесеме за помирување кое ќе и овозможи на југоисточната Европа да ги надмине конфликтите од минатото и да гради нови врски за соработка во регионот. Поради оваа причина, ќе работиме заедно со нашите соседи за да ја унапредиме нашата заедничка европска иднина.
11. Ние ја изразуваме, особено, нашата желба да се воспостават добри односи со сите наши соседи, вклучувајќи ја и Република Србија со која имаме историски, комерцијални и социјални односи, кои имаме намера да ги развиваме понатаму во блиска иднина. Ќе продолжиме со нашите напори да придонесеме за односите на соседство и соработката со Република Србија, истовремено промовирајќи помирување помеѓу нашите народи.
12. Ние, преку ова, потврдуваме на јасен, конкретен и на неотповиклив начин, дека Косово ќе биде правно обврзано да се придржува кон одредбите содржани во оваа Декларација, вклучувајќи ги тука особено нејзините обврски од Планот на Ахтисари. Во сите овие прашања, ние ќе дејствуваме во согласност со принципите на меѓународното право и резолуциите на Советот за безбедност на Обединетите нации, вклучувајќи ја и Резолуцијата 1244 (1999). Ние јавно изјавуваме дека сите држави имаат право да се потпрат на оваа Декларација и апелираме до нив да ни ја понудат својата поддршка.
Проф. Д-р Љубомир Фрчкоски: Сецесијата и во двата случаи не е легален инструмент кој е поддржан во меѓународното право
Според Љубомир Фрчкоски, професор по меѓународно јавно право, сецесијата и во двата случаи не е меѓународноправен легален инструмент кој е поддржан во меѓународното право, но состојбата во Крим и Косово фундаментално се разликува во три работи – човековите права, заканата од воена сила и процесот на преговори со учество на меѓународната заедница.
„Состојбата на Косово и на Крим се разликува фундаментално. Значи не во актот на референдум па сецесија, на оној формален акт на кој повикува актот за независност на автономната област Крим, туку на состојбата на човековите права“ смета Фрчкоски, кој додава дека Декларацијата за независност на Косово се повикува на планот на Ахтисари како на процедура на остварување на тој процес, а во однос на човековите права дека руското малцинство во Крим било привилегирано и не било под репресија.
„Од друга страна пак, втората разлика е процесот до која дојде до сецесија, процедурата значи како втора разлика. Во Крим одеше еднострано до крај – референдум, одлука и здраво! Од друга страна, Косово одеше низ еден процес на меѓународни преговори или т.н. план на Ахтисари. Значи, во самата постапката која дојде до сецесија – меѓународната заедница беше вклучена кај Косово, а кај Крим беше изолирана, односно не постоеше, таа беше во позиција од големиот ментор на приказната, а тоа е Русија“, смета професорот, кој додава дека во вакви случаи најбитна е благонаклоноста на меѓународната заедница за која прашањето на човековите права е мошне битно, а „процедура, референдум, тоа може се да биде одржано “, констатира тој, напоменувајќи ги и примерите на Шкотска и Каталонија кои се неспоредливи со Крим и Косово, бидејќи и покрај механизмите за остварување на човековите права имаат еден „процес на деволуција“ во рамки на Европската Унија и се повикуваат на својата историско-правната државотворност.
М.В. / veljanoskim@akademik.mk