/ Прочитано:

2.977

EКСКЛУЗИВНО Интервју со новиот претседател на Кривичниот суд, Владимир Панчевски: Дури со најдлабоката фантазија, не можам да си претставам какви пазарења би правела политиката

Сонувал за лекарска кариера, стана претседател на најголемиот Кривичен суд во земјава. Ги отфрла сите информации за директно политичко влијание врз судските одлуки, a за новинарските сензации вели дека и наштетуваат на судската постапка. По два дена од изборот за претседател, за Академик проговори Владимир Панчевски, новата глава на Основен суд Скопје 1. 

Минатиот состав на ССРМ не Ве избраа за оваа функција, па судот повеќе месеци беше без претседател, со ова се отвори простор дека станува збор за политички пазар. Ден пред изборот на новиот состав на ССРМ на итна седница беше изборот за претседател. Како ја коментирате оваа ситуација?

Не се согласувам дека на минатиот избор јас и колегата Ѓоко Ристов не поминавме како кандидати поради некаков политички пазар, дури и со најдлабоката фантазија имајќи го во предвид досегашниот професионален бекграунд на тогашните единствени кандидати, не можам да си претставам какви пазарења би правела политиката, ова го потврдува повторениот оглас каде се јавија истите кандидати. Со жалење констатирам дека во времето на минатиот избор, судот го изгуби ценетиот судија и колега ВД претседателот Марјан Колишевски и сметам дека тој избор беше во сенка поради загубата на судот, никому во скопска единица не му беше до изборот.

„Монструм“, „Ровер“, случаи што на големо ја тресат јавноста, истите со сигурност ќе бидат главна мета на медиумите, имате ли некаква стратегија знаејќи ги однапред реакциите што ќе ги предизвикаат овие предмети?

Ова се сериозни предмети, распоредени се кај судии професионалци кои се на ниво на предизвикот. Сметам дека нивното одлучување ќе биде врз основа на докази. Лупата на медиумите не смее да се стави во улога да подгрева некакви реакции. Основна стратегија на новинарите кои покриваат судски предмети треба да биде страната на судот кој има независна улога да суди објективно врз основа на закон. Новинарите треба да известуваат објективно и навремено без шпекулации и ексклузивитети за да можеме заедно да доведеме до потврдување на основните постулати на кои почива судскиот систем.

Вашата претходничка, актуелниот претседател на Врховниот суд на РМ често беше/е подложна на позитивни и негативни критики од страна на јавноста, Ве плаши ли одговорноста која ја носи оваа функција?

Не се плашам од одговорноста, во спротивно никогаш не би се кандидирал, однапред знаев што ми носи оваа функција. Во однос на реакциите за мојата претходничка не сакам да ги коментирам, можам само да кажам дека беше одличен раководител и слободно можам да ја наречем судија на новата ера. Како луѓе и карактери сите сме различни и имаме различен пристап, во секоја професија има луѓе кои пружаат отпор на новите трендови и времето што доаѓа.

Што е она што Вие ќе го промените во раководењето на судот?

Секој од нас со своето работење остава свој печат, промени се разбира ќе има, секако во духот на времето и објективните услови. Поминаа само два дена откако ја преземав функцијата, всушност уште не сум се адаптирал и суштински не сум презел се во мои раце.

Како ќе ја промените сликата во јавноста за исполитизирано и корумпирано судство?

Не сакам да коментирам шпекулации, тврдам дека нема место за политика во судството, ова е институција која работи според законски постапки. Сликата во јавноста ја прават новинарите, честопати избрзуваат со нивни анализи, непроверени информации, самите ги обвинуваат или осудуваат лицата што уште не стигнале до притвор, а камоли до судска постапка, кога можат тоа да го пренесуваат неверодостојно тогаш ја губам вербата во медиумските информации.

Во однос на транспарентноста на судот, имате ли претстава како ќе ги подобрите односите со јавноста, редовното ажурирање на информациите на сајтот на судот и сл. Во еден наврат ми рековте дека Хаг го достигнал врвот во контекс на отвореноста, сега работата е делумно во ваши раце…

Имам амбиција и со новите кадровски решенија постојат идеи за многу промени во досегашната практика во работењето на судот. Оваа институција останува отворена за јавноста, секој ќе има прилика навремено да ја следи работата на судот. Сепак, медиумите мора да се запознаени како правилно да ја пласираат информацијата во јавноста, мора да се внимава информацијата да не и наштети на судската постапка. Разбирам дека секој новинар трагa по ексклузивка и сензaција, но ако истата е штетна за постапката, тогаш новинарот има огромна одговорност за својата постапка. Вратите на судот и понатака остануваат отворени.

Зошто се одлучивте да се занимавате со оваа професија, ако не бевте судија со што ќе се занимававте денес?

Како дете сонував да бидам лекар, ама сонот не се исполни. Ако не бев денес судија сигурно ќе бев обвинител. Покрај тоа што имам искуство во оваа област, професијата обвинител ми е предизвик.

Дали некогаш сте имале морален двобој околу носење на некоја пресуда?

Судските одлуки ги носам врз основа на законот. Кога ќе ги видам фактите и доказите од страна на обвинителството, но и од страна на одбраната, тогаш нема многу простор за размислување. Да, се случи во еден предмет, имав дилема околу казната, меѓутоа само поради тоа што беа најавени новини во законот, а во новините постоеја олеснителни околности.


Разговараше: Паула Божиновски