/ Прочитано:

891

Експерти од француската Национална школа за магистрати во посета на Академијата за судии и јавни обвинители

Понеделник, 17 декември 2012 – Експерти од Националната школа за магистрати на Република Франција (ЕНМ), од денеска до 19-ти декември, ќе бидат во посета на Академијата за судии и јавни обвинители, во рамки на активностите предвидени со Меморандумот за тригодишна соработка, кој во февруари годинава беше потпишан од Академијата и Амбасадата на Франција во Македонија.

Со потпишувањето на Меморандумот двете институции се обврзаа на интензивна соработка во насока на размена на компаративни искуства со цел зајакнување на капацитетите на Академијата за судии и јавни обвинители и унапредување на ефикасноста на правосудниот систем на Република Македонија.

Француските експерти Никол Комбот и  Лудовик Белфант на одделни средби ќе имаат можност да разменат мислења и искуства со директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Анета Арнаудовска, која во рамките на првиот работен ден ќе ги воведе накратко во правосудниот систем на Република Македонија и ќе ја претстави функцијата и организацијата на Академијата.

Според агендата, како што информираат од Академијата, француските експерти ќе имаат средби со обучувачите за новиот Закон за кривична постапка, со обучувачите за новиот Закон за граѓанска постапка, со едукаторите на Академијата од континуирана обука, како и со вработените од Одделението за континуирана обука во Академијата.

Целта на посетата е запознавање со правосудниот систем на Република Македонија и улогата на Академијата за судии и јавни обвинители, пришто на состаноците ќе се разговара и за иднината на континуираната обука на судиите и јавните обвинители, постојната состојба и идните перспективи.

Во рамките на посетата експертите од ЕНМ ќе присуствуваат и на настанот кој Академијата го организира по повод завршувањето на базичните обуки за новиот Закон за кривична постапка, што ќе се одржи денеска.