/ Прочитано:

2.764

Експертска дебата: „Богохулењето и слободата на говорот“

Македонскиот центар за европско образование во рамките на проектот „Основни права – Сместување во европската рамка”, во соработка со Катедрата по меѓународно право при  Правниот Факултет „Јустинијан Први” во Скопје организираше дебата на тема „Богохулењето и слободата на говорот”.

Целта на оваа дебата беше да ги отвори расправите во контекст на слободата на изразување и да се фокусира на основното прашање: дали случаите на богохулење уживаат заштита како дел од темелното право на слобода на изразување или, пак, ваквите изразувања треба да се третираат како говор на омраза, што значи легитимно ограничување во слободата на изразување во овој дел.

Дебатата беше замислена така што два тима требаше да заземат афирмативен и негативен став во однос на поставената тема.

Професорката Елена Михајлова од Правниот факултет „Јустинијан Први“,  на почетокот  на настанот истакна дека целта на дебатата е низ еден критички пристап да се елаборираат прашањата, и тоа низ форма на дијалог.

„Ваквото послободно аргументирање е замислено да не нè зароби во постапки кои не ни се блиски. Ние сме, сепак, едно затворено општество на кое му недостасува судска практика“, рече Михајлова, нагласувајќи дека се осврнуваат кон темата со поширока расправа, што, всушност, би било прилог за идните судии и правни бранители да носат, како што подвлече, промислени одлуки.

Андреја Стојковски од  Македонскиот центар за европско образование рече дека спроведениот проект имал за цел да ја подигне свеста кај јавноста за системот на заштита на човековите права во Европа и неговите импликации врз соодветниот национален систем. Тој ги анализираше аспектите на владеењето на правото како вредност, но и на, како што рече, атмосферата на страв во општеството и злоупотребите за кои граѓаните стануваат свесни.

Во таа насока, британскиот амбасадор Чарлс Едмунд Гарет додаде дека е одлично што има ваква дебата, особено што е посветена на правото на слобода, на религија, но на и правото на слобода на изразување. Тој дебатата ја оцени како извонреден придонес за развојот на демократското општество.

На дебатата, при дискутирањето и бранењето на своите тези студентите се користеа и со практиката на Европскиот суд за човекови права, со што на дебатата ѝ дадоа дополнителна тежина.

„Во самата дебата неизбежно беше да се допре и прашањето за говорот на омраза кој особено е интересен за сите нас од едноставна причина што постојано сме сведоци на тоа како се користи говорот на омраза во медиумите и во политичката битка постојано“, посочуваат од Македонскиот центар за европско образование.

Покрај студентите и модераторот, во дебатата свое учество зедоа и некогашната македонска судијка во Европскиот суд за човекови права Маргарита Цаца Николовска, професорот Љубомир Данаилов Фрчкоски, уставната судијка Наташа Габер – Дамјановска , кои на двата тима им поставуваа прашања и им даваа забелешки.

„На големо задоволство е, секако, тоа  што на дебатата беше присутен и британскиот амбасадор  Чарлс Едмунд Гарет“, велат од Македонскиот центар за европско образование.

Заклучокот од оваа дебата беше дека нема една вистина и дека во денешни услови на мултикултурни општества треба да се биде исклучително внимателен при изразување на ставовите со кои може да се повредат различните етнички и верски групи.

„Сето ова, сепак, не смее да значи и ограничување на слободата на говорот, кое е едно од основните права на човекот што треба да го заштитува секоја држава“, беше нагласено на дебатата.

На крајот од дебатата беше оставен простор и за присутните да постават прашање или да дадат свој коментар поврзан со темата, а во врска со моменталните филозофско-правни аргументации како и на меѓународно правните стандарди во оваа област, проследени со примери од европската судска практика.

М.В / veljanoskim@akademik.mk

16.3.2015