/ Прочитано:

1.453

Експертска средба за шверцување мигранти како предизвик во борбата против ширење на криминал

Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ во соработка со Канцеларијата на Обединетите нации (UNODC), Оддел за организиран криминал и недозволена трговија, во Охрид организира настан во врска со шверцувањето мигранти под наслов „Средба на група експерти за шверцување мигранти/ Развој на програма“. Овој проект е имплементиран во рамките на Глобалната програма против шверцување мигранти со финансиска поддршка на Американското биро за меѓународно спроведување на законите за наркотици (INL)

На дводневната средба присуствуваат судии и јавни обвинители, адвокати и претставници од Министерството за труд и социјална политика, Министерството за внатрешни работи (Одделот за гранична полиција и организиран криминал), Факултетот за безбедност во Cкопје, Националната комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција, Македонско здружение на млади правници и Здружението на граѓани „Отворена порта“.

Со поздравни обраќања, средбата ја отворија  Анета Арнаудовска, директор на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ и Давор Раус, офицер за превенција и за  криминална правда, UNODC единица против трговија со луѓе и шверцување мигранти.

Предвидено е свои излагања на средбата да имаат: Давор Раус, Барбара Сидоти,  меѓународен консултант за шверцување мигранти и трговија со луѓе, професор Зарковиќ, продекан за настава, Кривична/Полициска академија, Белград и Вилијам Коертје, програмски менаџер на Одделот за правда/ICITAP, Амбасада на САД, Скопје.

На средбата особено се става акцент на шверцување мигранти како предизвик во борбата против ширење на криминал, борбата против шверцувањето мигранти во Република Македонија и за  неодамнешните трендови во случаите на КМ во Србија и Република Македонија. Во текот на утрешниот ден ќе се говори за проблемот на надлежност во случаите на шверцување мигранти, а ќе бидат разгледувани и студии на случај.

Прашањето за шверцувањето мигранти во рамки на активностите и едукацијата на Академијата за судии и јавни обвинители се спроведува континуирано. Минатата година впечатливи беа и излагањата на италијанските експерти кои говореа за ефективната борба против шверцување на мигранти.

М.В