/ Прочитано:

1.561

Екстерното тестирање треба да биде повремена, релаксирана и доброволна проверка на знаењето на учениците

Воведувањето на екстерното проверување на знаењата на учениците претставува една од најконтроверзните реформи во образованието во Република Македонија поради широкиот публицитет и реакции во јавноста кои не беа пресретнати на соодветен начин за да можат да се ревидираат политиките соодветно. Имплементацијата на мерката се соочуваше со сериозни предизвици, а мерењето на ефектите од воведувањето на мерката, 5 години по воведувањето, отсуствува и не успева да даде јасна слика дали концептот на екстерна евалуација придонесува кон поставената цел.

екстерно матуранти

На 3 февруари, односно утре, завршува екстерното тестирање на средношколците во завршните години од средното образование. Државниот испитен центар, пред почетокот на тестирањето кое започна на 30 јануари, информираше дека ќе бидат оценувани вкупно 18 600 матуранти во целата земја.

На само еден ден пред завршувањето на оценувањето, средношколците велат дека годинава нивниот стрес околу подготовката за тестирање, околу полагањето и околу очекувањето на резултатите, кои треба да бидат објавени на 7 февруари, е значително помал, особено поради тоа што оценките што ќе ги добијат од екстерното тестирање нема да бидат запишани во свидетелствата.

„За среќа, со последните измени во Законот за средно образование, а кои се однесуваат на екстерното тестирање, оценките од двата предмета што ги полагаме нема да ни бидат внесени во свидетелствата и нема да влијаат на постигнатиот успех, односно на просекот. Тоа е какво-такво олеснување. Сепак не ни е сеедно што ќе направиме на овие тестирања. Оценките што ќе ги добиеме, иако не ни влијаат на просекот, можат да влијаат при упис на факултет доколку има повеќе кандидати со ист просек“, велат дел од средношколците кои утре го полагаат вториот предмет од екстерното тестирање.

И дел од родителите на учениците во основното образование се задоволни од последните измени на Законот за основно образование кои исто така се однесуваат на екстерното тестирање, особено поради тоа што, во согласност со овие измени, учениците во основните училишта почнуваат да полагаат екстерни испити во шесто одделение, а не во четврто како што беше претходно.

„Многу пати досега сме се обиделе да укажеме дека целиот концепт нема никаква смисла. Екстерното тестирање беше наменето да се оценуваат наставниците, но целиот притисок, целата тежина беше врз децата. Добро е што од оваа година оценките нема да бидат внесени во свидетелствата и што нема да полагаат деца од 9 години, односно оние што се во четврто одделение бидејќи ним им беше најтешко да се соочат со толку голема одговорност. Освен тоа, под голем притисок се ставени и самите наставници. И ним ни малку не им е лесно“, потенцираат родителите чии деца се ученици во основно училиште.

Со цел да се утврди ефикасноста и целисходноста на екстерното тестирање, Центарот за управување со промени направи истражување, а анализата и податоците од истражувањето ги сублимираше во публикацијата: „Екстерно оценување, предизвици и следни чекори: екстерно оценување по секоја цена?“. Примарната цел на истражувањето е да ја утврди ефикасноста и целисходноста на екстерното тестирање. Резултатите од направената анализа покажуваат дека 85 % од учениците и 80 % од наставниците се незадоволни од воведувањето на екстерното тестирање и сметаат дека треба да се прекине со неговото спроведување. Исто така, истражувањето покажува дека повеќе од 2/3 од учениците сметаат дека наставниците реално оценуваат. Дополнително, цели 77 % од учениците и 90 % од наставниците сметаат дека оценката на наставникот подобро го одразува стекнатото знаење на ученикот. Во случаите кога оценката од екстерното се разликува од онаа на професорот, 58 % од учениците и 65 % од наставниците сметаат дека тоа се должи на несоодветните прашања.

Гордана Стефановска-Велјановска од Центарот за управување со промени (ЦУП), уредник на публикацијата, вели дека клучот за успешни реформи е во  вклученоста на сите засегнати страни во сите нивоа на одлучување и нивно времено информирање за сите новини кои произлегуваат од поединечни реформи, сè со цел добивање на нивната поддршка за предложените измени.

„Усвојувањето на политики кои се тесно поврзани со една многу важна  област како што е образованието, според искуствата на најдобрите реформатори, трае и до 5 години и повеќе години. Впрочем, секоја политика во периодот на воведување треба да се подготви, да се презентира пред засегнатите страни, a особено пред крајните корисници, за да води кон информиран избор на одлуки и политики, и тие, сосема очекувано, да ги дадат резултатите и ефектите што ги посакуваме. Во оваа насока, би рекла дека воведувањето на екстерното проверување на знаењата на учениците претставува една од најконтроверзните реформи во образованието во Република Македонија поради широкиот публицитет и реакции во јавноста кои не беа пресретнати на соодветен начин за да можат да се ревидираат политиките соодветно. Имплементацијата на мерката се соочуваше со сериозни предизвици, а мерењето на ефектите од воведувањето на мерката, 5 години по воведувањето, отсуствува и не успева да даде јасна слика дали концептот на екстерна евалуација придонесува кон поставената цел: утврдување на објективноста во оценувањето кај наставниците и саморефлексија на постигнатото знаење кај учениците“, посочува Велјановска.

Неда Малеска-Сачмароска, една од авторите на публикацијата и извршен директор на ЦУП, смета дека е неопходно целосно ревидирање на екстерното тестирање, односно користење на овој инструмент во насока на унапредување на образовниот процес и придонес кон подобрување на квалитетот на образованието. Неопходно е укинување на сите одредби од Законот во делот во кој се уредуваат казнените одредби за наставниците.

„Ревизијата треба да се однесува и на концептот на тестирање. Тестот од 30 прашања со повеќе одговори и прашања дадени три дена однапред не може да биде соодветен за целосна евалуација на постигнатите знаења и вештини на ученикот кои се стекнати со помош на наставникот во текот на целата година, ниту пак е одраз на неговото реално знаење. Во оваа насока, потребно е да се направи анализа на досегашниот процес на екстерно тестирање, односно имплементацијата, постигнатите резултати, но и т.н. нусефекти од тестирањето, со целосно вклучување на пошироката експертска јавност со цел ревизија на политиката и соодветни интервенции во законската регулатива. Конечно и најважно, екстерното тестирање треба да биде повремена, релаксирана и доброволна проверка на знаењето на учениците и на објективноста на наставниците, без каква било казна за кој било од учесниците во процесот и треба да послужи како повратна информација за самите наставници и за раководниот кадар каде и како треба да го подобрат усвојувањето на знаењата од страна на учениците“, истакнува Сачмароска.

А. Б.