/ Прочитано:

2.769

Екстремно ниските температури ги поттикнаа граѓаните да преземат активности за заштита на правата на животните

Заштитата и благосостојбата е законско право на животните, што подразбира дека тие мора да бидат третирани на начин кој е најсоодветен за нивните потреби – да не бидат изложени на глад и на жед, како и да бидат заштитени од болка, повреда или болест.

Кучиња во зима

Екстремно ниските температури создадоа сериозни проблеми и за уличните животни, кучиња и мачки, поради што активистите од Невладината организација „Анима мунди“ ги повикуваат граѓаните да донираат ќебиња и храна и да донесат слама и стиропор за да се изработат куќички кои ќе бидат поставени на разни локации во градот каде што привремено ќе бидат згрижени уличните животни. Од „Анима мунди“ велат дека акцијата за изработка на куќичките ќе се организира утре во 17:00 часот, а веќе од 18:00 часот активистите заедно со граѓаните ќе ги поставуваат куќичките во повеќе населби во Скопје.

Столе Велковски, претседател на „Анима мунди“, вели дека заштитата и благосостојбата е законско право на животните, што подразбира дека тие мора да бидат третирани на начин кој е најсоодветен за нивните потреби – да не бидат изложени на глад и на жед, како и да бидат заштитени од болка, повреда или болест.

„Ги повикуваме сите да помогнат во акцијата, а оние што имаат можност да згрижат улично куче, да го сторат тоа, макар и привремено, бидејќи условите во стационарот „Вардариште“ се навистина ужасни. Во вакви зимски услови, кога температурите се екстремно ниски шест дена по ред, стационарот наместо да претставува место за згрижување на животните, сега е место каде што кучињата се изложени на постоперативно мачење, студ и болести. Бараме од надлежните во градот да ги запрат сите активности во „Вардариште“, односно да престанат да ги заловуваат уличните кучиња, да не ги кастрираат и да не ги стерилизираат сè додека трае поларниот бран во Македонија. Кучињата не можат да закрепнат од операциите. Подготвени сме да организираме и протест, а за лошата состојба во стационарот ќе ги информираме европските институции и меѓународни организации во чија надлежност е заштитата на правата на животните“, вели Велковски. 

Засилени активности за обезбедување храна се спроведуваат и во националните паркови во Македонија.

Од Националниот парк „Пелистер“ – Битола информираат дека во рамките на заштитата на животинскиот свет во овој национален парк секоја зима се организира потхранување на животните, но оваа година активностите се интензивирани поради поларните температури бидејќи животните не се во состојба самите да си обезбедат храна. Прихраната на животните во Националниот парк се врши на четири локалитети, односно во атарот на Нижо Поле под Пелистер, во Вртешка и во Брајчино, каде што се поставени и распределени околу 90 килограми крупна сол, повеќе пакети со минерали, околу 80 килограми пченица, 50 килограми пченка и околу 15 бали со сено.

„Акцијата за прихранување на животните се врши на определени места, за кои се смета дека се посетени од некои видови животни, и притоа се поставува одредено количество храна или минерали и сол, што им помага на животните полесно да ја преживеат острата зима, изјави портпаролот на Националниот парк „Пелистер“ – Битола, Пеце Цветановски.

А. Б.