/ Прочитано:

862

Еквадорскиот министер за надворешни работи во Британија на разговори за Асанж

Понеделеник, 17 јуни 2013 – Еквадорскиот министер за надворешни работи Рикардо Патино вчера пристигнал во Велика Британија на разговори за иднината на основачот на Викиликс, Џулијан Асанж. Минатата година на 19 јуни, Асанж влезе во еквадорската амбасада во Лондон и од тогаш нема излезено од неа бидејќи му се заканува апсење и екстрадиција.

Министерот за надворешни работи Рикардо Патино, се сретнал со Џулијан Асанж во Амбасадата на Еквадор во Лондон. Денеска тој ќе одржи разговори со британскиот министер за надворешни работи Вилијам Хејг.

Асанж доби азил од Еквадор, но ќе биде уапсен во моментот кога ќе излезе од амбасадата. Високиот дипломат од Еквадор се надева дека разговорите ќе помогнат ситуацијата да се придвижи напред. 

Асанж е баран во Шведска поради обвиненија за сексуален напад, но тој стравува дека од Шведска може да биде депортиран во САД поради објавувањето доверливи информации на Викиликс.

Деновиве, во своето интервју за еден од светските медиуми, Асанж проговори и за случајот Ерик Сноуден, поранешниот член на ЦИА кој за јавноста ја откри програмата за шпионирање која ја користела владата на САД.

„Господинот Сноуден е пример за херој. Тој направи навистина храбар акт. Она што не сакаме да му се случи е да заврши како Бредли Менинг (кртот кој на Викиликс им ги достави тајните документи) и да биде притворен без судење, измачуван во затвор и да се соочи со доживотна казна затвор “, вели во интервјуто Асанж.

Асанж е оптимист дека Владите на Еквадор и Британија ќе изнајдат заедничко решение за тој да може да замине во Еквадор. Тој вели дека Британија ги крши меѓународните закони, затоа што не му дозволува да замине во Еквадор, иако признава дека е тешко да замисли сценарио во кое тој би заминал без лисици на рацете.

Асанж вели дека живеејќи заробен во еквадорската амбасада е исто како да престојувате во вселенска станица. Тој недостатокот на природна светлина го надоместува со сончева ламба, а воедно и вежба за да си го одржи здравјето.