/ Прочитано:

2.127

Електронските алки за следење на осудениците конечно ќе бидат ставени во функција, најавуваат од Управата за извршување санкции

Првата пробациска канцеларија е пуштена во употреба во Кривичниот суд и оваа канцеларија се однесува на подрачјето што го опфаќа Апелацискиот суд Скопје, велат од  Управата за извршување санкции.

Како што нагласува директорот на Управата, Јовица Стојановиќ, набавените 400 електронски алки за следење на осудениците конечно ќе бидат ставени во функција. Покрај канцеларија во Скопје, образложува Стојановиќ, предвидено е да се отворат уште 10 канцеларии на подрачјата на другите судови во земјава. Во овие канцеларии ќе работат 90 лица, кои ќе бидат надлежни да го надгледуваат извршувањето на алтернативните казни, а еден од начините е со следење преку електронската алка.

Според најавите, примената на пробацијата ќе треба да помогне и во растоварување на пренатрупаноста во казнено-поправните установи, а во таа насока е и донесувањето на Законот за амнестија, што треба да опфати 815 лица, а на повеќе од 3.000 лица да им се намали затворската казна за 30 отсто.

Во врска со електронскиот надзор во смисла на одредбите за следење на извршувањето на куќен затвор, во Законот за пробација се пропишува дека правосилната и извршна одлука со која е изречен куќен затвор со електронски надзор судот, во рок од 15 дена од денот кога одлуката станала извршна, ја доставува до секторот за пробација во Управата. Пробациски службеник од месно надлежната канцеларија изготвува индивидуална програма за третман и го следи извршувањето на казната.

Ако со судската одлука е определено дека куќниот затвор ќе се изврши со примена на електронски надзор, спроведувањето го врши Управата. Опремата за електронски надзор на лицата кои издржуваат куќен затвор ја поставува пробациски службеник кој ги дава потребните упатства за нејзино користење. Управата управува со опремата со која се следат движењето на осудениот и неговата местоположба во просторот. При вршењето на надзорот  пробациските службеници соработуваат со Министерството за внатрешни работи или други надлежни државни органи.

Законот за пробација е донесен во 2015 година, а стапи во сила на 1 ноември минатата година, но повеќе од една година не се применувал. Со овој закон се уредуваат пробациските работи и постапката за извршување на алтернативните мерки условна осуда со заштитен надзор, општокорисна работа и куќен затвор, обврски изречени во кривична постапка во согласност со закон, како и извршувањето на условниот отпуст изречен по одлука на суд, кои се извршуваат во заедницата, целта, положбата на лицата во постапката за извршување на алтернативни мерки и обврски и надзор над извршувањето.

Извршувањето на алтернативните мерки и обврски изречени во кривична постапка е со цел заштита на заедницата од криминал и ресоцијализација и реинтеграција на лицата спрема кои се извршуваат пробациските работи.

За извршување на пробациските работи, месно надлежна е канцеларијата на Управата според местото на живеалиште, односно престојувалиште на лицето спрема кое се извршуваат пробациски работи.

М.В