/ Прочитано:

984

Електронското и печатеното издание на Службен весник со еднаква правна важност

На 27 јули стапуваат во примена одредби од Законот за објавување на законите и другите прописи и акти во „Службен весник на Република Северна Македонија“ кои се однесуваат на електронското и на печатеното издание на весникот.

„Електронското и печатеното издание на ‘Службен весник на Република Северна Македонија’ имаат ист текст и содржина и еднаква правна важност. Доколку се појави неусогласеност помеѓу текстот и содржината на електронското и печатеното издание, за точен, односно правно важен ќе се смета текстот објавен во електронското издание“, се пропишува во измените.

Во согласност со измените, законите и другите прописи се објавуваат во печатеното и во електронското издание на „Службен весник на Република Северна Македонија“, кое содржи електронски потпис и печат, со што се гарантира неговата идентичност и автентичност со печатеното издание и е објавено на веб-страницата на Јавното претпријатие „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Од ЈП „Службен весник на РСМ“ посочуваат дека со измените се овозможува електронското издание на службеното гласило да добие официјален карактер, односно на електронското гласило му дава се подеднаков третман со печатеното издание, со што електронската форма на весникот добива правнообврзувачки карактер.

„Донесувањето на оваа измена е резултат на повеќегодишното настојување на ЈП ‘Службен весник на Република Северна Македонија’ за спроведување на ефикасни и континуирани реформи засновани на европските искуства и стандарди, особено во делот што претставува јавен интерес. Токму затоа и самиот Закон за изменување и дополнување на Законот за објавување на законите и на другите прописи и акти во ‘Службен весник на Република Северна Македонија’ е во правец на следење на постојниот тренд во оваа област и е изработен согласно со компаративните искуства во областа на објавување на законите и на другите прописи и акти во службените гласила во земјите од регионот, како и искуствата од издавачите на службените гласила во ЕУ. Основните цели и решенија на овие измени и дополнувања содржат новини кои се однесуваат на начинот и формата на објавувањето на законите и на другите прописи и акти во службеното гласило, како и други решенија усогласени со актуелните трендови во областа на објавувањето на актите и начинот и формата на нивното издавање, со што ќе се овозможи поефикасно работење на самата институција, како и развој на нови услуги и производи“, известуваат од ЈП „Службен весник на РСМ“.

М.В