/ Прочитано:

1.473

ЕЛЕНА ГОШЕВА: Боењето на Уставниот суд претставува притисок врз судиите

Влезот на Судот беше ишаран во повеќе бои, што е начин на изразување на незадоволството од работата на институциите на лицата од Протестирам, кои и претходно за време на протестите неколкупати се обидоа да стигнат до зградата на Уставниот суд, но беа спречувани од полициското обезбедување на протестите.

Боја на влезот на Уставен суд

Ноќеска зградата на Уставниот суд била дел од акцијата на Протестирам и на Шарената револуција. Влезот на Судот беше ишаран во повеќе бои, што е начин на изразување на незадоволството од работата на институциите на лицата од Протестирам, кои и претходно за време на протестите неколкупати се обидоа да стигнат до зградата на Уставниот суд, но беа спречувани од полициското обезбедување на протестите.

Пред да ја започне официјално денешната седница на Уставниот суд, претседателката Елена Гошева се обрати пред судиите и медиумите и шарењето на влезот на Судот го оцени како напад врз Судот.

„Некој сака да престане да работи Судот, да не се држат седници на Судот и да владее хаос. Уставниот суд и уставните судии во изминатиот период се под директни притисоци на одредена група на граѓани, но Судот ќе продолжи да работи и нема да се остварат притисоците на поединците“, рече Гошева.

Секој има право на протест, но во едно демократско општество правото на протест треба да се остварува мирно и достоинствено, а не преку прикажување агресија, додаде Гошева.

Потоа ја отвори седницата на која уставните судии ја разгледуваа иницијативата за оцена на уставноста на Одлуката за распуштање на Собранието на Република Македонија, поднесена од ДУИ, за која Судот одлучи да поведе постапка и да издаде привремена мерка за запирање на дејствијата од Одлуката.

Претходно, од Протестирам упатија писмо до уставните судии, во кое наведуваат:

„Судии, денес ќе треба да одлучите дали да поведете постапка по иницијативата за преиспитување на уставноста на Одлуката за распуштање на Собранието. Да ве потсетиме дека таа одлука беше донесена пред рокот предвиден за нејзино донесување, односно 60 дена пред датумот на избори и без притоа да се води сметка за фактот дека услови за фер и демократски избори во Република Македонија НЕМА! Непрочистен избирачки список, неспроведени реформи во медиумите и сѐ уште висок степен на корупција и неодвоеност на партијата од државата“.

Денес конечно ќе треба навистина да ја одиграте својата улога на заштитници на правата и слободите на граѓаните и да застанете на страната на правдата и законот. Произнесувањето на Уставниот суд и за оваа иницијатива е од суштинско значење за натамошниот развој на политичката криза во Македонија и неслучајно е дел од барањата на Протестирам!, велат од Протестирам.

Марија Севриева