/ Прочитано:

1.870

Елисејскиот договор – основа за долгогодишно пријателство и соработка меѓу Франција и Германија

По повеќе од половина век од потпишувањето, приоритетите договорени од Елисејскиот договор непречено се спроведуваат и се реализираат и до ден денес со редовни средби меѓу политичкиот врв на Германија и Франција. За решавање на најголемиот предизвик на Европа во последните две години – бегалската, односно мигрантската криза, Германија и Франција презедоа водечка улога во Европа, а преземаат и заеднички активности во борбата против тероризмот со цел зачувување на безбедноста во Европа.

French President General Charles de Gaulle (C) and German Chancellor Dr Konrad Adenauer (L) sign the French-German cooperation treaty at the Elysee Palace on January 22, 1963 in Paris, as French Foreign minister, Maurice Couve de Murville (D) and French Prime minister Georges Pompidou (2nd R) look on.

Германија и Франција, двете водечки земји на Европската Унија, денеска одбележуваат 54 години од потпишувањето на Елисејскиот договор кој во 1963 година беше потпишан од страна на првиот повоен канцелар на Германија Конрад Аденауер и тогашниот француски претседател Шарл де Гол. Со Елисејскиот договор започнува нова ера од повоената историја на Германија и на Франција бидејќи двете влади тогаш ги поставија како приоритени прашањата кои се однесуваат на надворешната политика и безбедноста вооопшто во Европа и во светот.

Потпишувањето на Договорот, како што истакнуваат историчари и политички аналитичари, значеше крај на долгата и крвава историја на војни и омраза меѓу двата народи, а самиот чин на потпишување го означи почетокот на заедничката европска иднина. Билатералниот договор меѓу Германија и Франција започнува со низа проекти од областа на одбраната, а двете влади ги поставуваат темелите на заедничко дејствување и во доменот на образованието и социјалната политика.

Германско-француското помирување започнува со посетата на претседателот Шарл де Гол на Германија во септември 1962 година кога во својот говор истакнал: „Да живеат Бон, Германија и германско-француското пријателство“. Оваа реченица од обраќањето на Де Гол става крај на долгогодишното непријателство меѓу двете земји.

По повеќе од половина век од потпишувањето, приоритетите договорени од Елисејскиот договор непречено се спроведуваат и се реализираат и до ден денес со редовни средби меѓу политичкиот врв на Германија и Франција. За решавање на најголемиот предизвик на Европа во последните две години – бегалската, односно мигрантската криза, Германија и Франција презедоа водечка улога во Европа, а преземаат и заеднички активности во борбата против тероризмот со цел зачувување на безбедноста во Европа.

Почитувањето на различностите и културниот дијалог меѓу двете земји се спроведува со заедничките граѓанско-општествени организации, со интензивната соработка меѓу збратимените градови, со воспоставувањето на Германско-француската канцеларија за млади, како и со основањето на студиски програми и основањето на француско-германски компании и претпријатија, чија цел е зајакнување на економската соработка.

Затоа, во пресрет на одбележувањето на 54-годишнината од потпишувањето на Елисејскиот договор, амбасадите на Германија и на Франција во нашата земја истакнуваат дека овој стратешки документ не претставува само декларативно пријателство, туку е и исклучително важен инструмент којшто ги обединува Германија и Франција да дејствуваат заеднички во решавање на најважните прашања. Годишнината во Македонија ќе биде одбележана со прикажување на филмот „Франц“ – последното  кинематографско остварување на францускиот режисер Франсоа Озон.

А. Б.