/ Прочитано:

2.718

Емануел Макрон е избран за нов претседател на Франција

Во согласност со француското законодавство, Емануел Макрон функцијата претседател ќе ја преземе од досегашниот шеф на државата Франсоа Оланд на 14 мај. Аналитичарите во Франција потенцираат дека Макрон ќе нема многу време за прослава, бидејќи на 11 и на 18 јуни Французите повторно треба да излезат на гласање, овој пат на парламентарни избори на кои ќе треба да изберат 577 членови на Националното собрание. Исходот од парламентарните избори ќе покаже дали новиот претседател ќе обезбеди мнозинство кое ќе може да издејствува усвојување на реформската програма или, пак, најчесто ќе се соочува со сериозни препреки во Парламентот.

Со  освоени 66,06 отсто од гласовите, лидерот на центристичката партија „Напред“, Емануел Макрон, е избран за нов претседател на Франција во вториот круг од претседателските избори. Ова се резултатите што рано утринава ги соопшти Министерство за внатрешни работи, откако беа пребројани 99,99 отсто од гласачките ливчиња.

Марин Ле Пен, лидер на екстремнодесниот Национален фронт, која беше противкандидат на Макрон, освои 33,94 отсто од гласовите на француските избирачи.

Министерството за внатрешни работи на Франција истовремено информира дека излезноста на граѓаните на вториот круг од претседателските избори во Франција е речиси 75 проценти, но на овие избори има најголем број неважечки ливчиња во однос на сите избори во Франција воопшто, а тоа е дури 11,5 отсто. Ова се први претседателски избори во Франција по 1969 година на кои излезноста во вториот круг е помала отколку во првиот.

Во согласност со француското законодавство, Емануел Макрон функцијата претседател ќе ја преземе од досегашниот шеф на државата Франсоа Оланд на 14 мај. Аналитичарите во Франција потенцираат дека Макрон ќе нема многу време за прослава, бидејќи на 11 и на 18 јуни Французите повторно треба да излезат на гласање, овој пат на парламентарни избори на кои ќе треба да изберат 577 членови на Националното собрание. Исходот од парламентарните избори ќе покаже дали новиот претседател ќе обезбеди мнозинство кое ќе може да издејствува усвојување на реформската програма или, пак, најчесто ќе се соочува со сериозни препреки во Парламентот.

Според законската регулатива, претседателот на француската држава има право на два мандата од по пет години. Меѓу другите овластувања, францускиот претседател има овластување да го распушта Националното собрание, како и да именува премиер. Исто така, шефот на француската држава управува со надворешната и одбранбената политика, а може да распише и референдум без одобрување на Парламентот. Претседателот на Франција може да предлага и закони, а заедно со премиерот може да издејствува усвојување закони во Националното собрание. Како врховен командант на вооружените сили, францускиот претседател може да покрене воена интервенција без претходна консултација со Парламентот, а исто така, има и овластување да издаде наредба за употреба на нуклеарно оружје. Претседателот на Франција ужива имунитет од кривично гонење додека е на должност и има право да амнестира осуденици.

Веднаш по објавувањето на резултатите, 39-годишниот Макрон се обрати пред своите приврзаници на платото пред музејот „Лувр“ во Париз и придружен со звуците на европската химна, им се заблагодари на француските граѓани за укажаната поддршка. Макрон рече дека постои длабока поделба во француското општество, нагласувајќи дека токму тој ќе се бори против поделбата во земјата. Во оваа насока, тој порача дека како претседател ќе ги брани Франција и Европа и дека ќе настојува европските институции да ги приближи многу повеќе и многу понепосредно до граѓаните на Европа.

„Се отвора нова страница во историјата и јас сакам тоа да биде страница на надеж и повторно воспоставување на довербата“, истакна новоизбраниот француски претседател.

Макрон вети дека Франција ќе биде во првите редови на борбата против тероризмот како на домашно, така и на меѓународно тло.

„Во наредните пет години, мојата одговорност ќе биде да ги смирам стравувањата. Мојата одговорност ќе биде да се соберат сите жени и сите мажи кои се подготвени да се соочат со огромните предизвици кои нѐ очекуваат во иднина. Да ја сакаме Франција. Само така на францускиот народ можеме да му ја вратиме шансата која Франција му ја должи. Во следните пет години кои доаѓаат, јас со смиреност, посветеност и одлучност ќе ѝ служам во ваше име. Да живее Републиката, да живее Франција“, порача Макрон во своето прво јавно обраќање.  

Емануел Макрон, основачот и лидер на независното движење „Во марш“, е поранешен банкар и економски советник на досегашниот претседател на Франција, Франсоа Оланд. Неговото движење брои повеќе од 200.000 следбеници со платформа која ги комбинира јавните вложувања со политиката наклонета кон економски раст.

Овој млад, но пред сѐ, амбициозен политичар, како што оценуваат аналитичарите, направи силен потрес во француската политика, со умешност, како што велат, на искусен политичар.

Првпат влегува во политичките води во 2012 година, кога станува економски советник на Оланд, а во 2014 година е назначен и за министер за економија. За време на оваа функција, ги укинува прописите што дотогаш важеле во некои индустриски сектори, а пропишува и подолго работно време на продавниците кои работат во недела.

Иако работи за социјалистичка влада, поединци во левото крило на партијата се спротивставуваат на неговите одлуки, поради што по две години на министерската функција поднесува оставка и основа сопствено, независно движење. Страсно се залага за целосна европска интеграција и единствен пазар на Европската Унија, кое го смета за клучно за Франција, бидејќи според неговите убедувања, само така би се преродила исцрпената економија во земјата.

Макрон има план за јавните инвестиции вреден 50 милијарди евра со кој би биле опфатени обуки за вработување, премин од јаглен како енергетски извор на обновливи извори на енергија и модернизација на инфраструктурата во Франција. Планира значителни намалувања на даноците за корпорациите и поголем простор за компаниите во преговорите за 35 часа работна недела, односно планира на младите да им ги продолжи работните часови, додека на вработените кои се веќе во својата петта деценија да им овозможи покуса работна недела. Макрон има намера да ја намали стапката на невработеност од сегашните 9,7 проценти на 7 отсто, но исто така, планира да воведе забрана за користење на мобилните телефони во училиштата за децата помлади од 15 години.

Макрон себеси се претставува како непријател на национализмот и кандидат кој  сака да ја брани „отворена“ Франција, држава која има свои безбедносни, економски и социјални интереси.

А. Б.