/ Прочитано:

1.231

ENGAGE – конференција за општествен активизам: Секој од нас треба да се бори за демократијата за да имаме поинакво општество

На конференцијата за општествен активизам ENGAGE, која беше организирана од страна на Младинскиот образовен форум (МОФ) и Радио МОФ, девет домашни и странски активисти, политичари, културни работници, борци за човекови права и креатори на онлајн иницијативи споделија знаења и искуства поврзани со граѓанска ангажираност, активизам на јавен простор, слобода на говор, борбата против популизмот, култура, технологија, животна средина, правата на ЛГБТИ-заедницата, протокот на информации и можностите за граѓанска мобилизација преку интернет. 

На шестата конференција за општествен активизам ENGAGE, главни теми на кои се дискутираше беа демократијата, политиката, активизмот и моќта на граѓанинот да внесува промени во современoто демократско општество.

Бидете ангажирани – бидете промената. Можеби е клише, но навистина е така. Доколку секој од нас се бореше за демократија, ќе имавме многу поинакво општество“, рече Биргита Јонсдотир од Пиратската партија на Исланд на шестото издание на ENGAGE, конференцијата за општествен активизам, која беше организирана од страна на Младинскиот образовен форум (МОФ) и Радио МОФ.

По шести пат, девет домашни и странски активисти, политичари, културни работници, борци за човекови права и креатори на онлајн иницијативи споделија знаења и искуства поврзани со граѓанска ангажираност, активизам на јавен простор, слобода на говор, борбата против популизмот, култура, технологија, животна средина, правата на ЛГБТИ-заедницата, протокот на информации и можностите за граѓанска мобилизација преку интернет. 

Јонсдотир – активистка, анархистка и трикратна пратеничка во исландскиот парламент од Пиратската партија зборуваше за револуцијата во политиката, дигиталниот активизам, проектот на создавање нов устав заедно со граѓаните на нејзината држава преку веб-платформата „Подобар Исланд“ и нејзиното искуство како дел од најголемото протекување на тајни податоци со „Викиликс“.

Новинарката Ирина Гордиенко го пренесе своето истражување за прогонот на ЛГБТИ-лицата во Чеченија. Гордиенко е една од новинарките што први го истражуваа и објавија масовното приведување, мачење, а во некои случаи и убивање на ЛГБТ-лицата во Чеченија, заедно со својата колешка Елена Милашина.

Светот беше информиран дека се извршува масовен прогон на геј мажи. Милашина објави сторија поткрепена со докази, а на тоа властите на Чеченија одговорија дека „во државата не постојат хомосексуалци“. Најмалку тројца од стотината сведоци на Гордиенко и Милашина се мртви.

Новинарките сега се соочуваат со закани за убиство, а Милашина ја напушти Русија, откако во џамија во Грозни, главниот град на Чеченија, народот беше повикан да ги „масакрира новинарите“. Гордиенко сè уште е во Русија, а Милашина не открива каде се наоѓа поради опасноста по нејзиниот живот.

Говорничката на ENGAGE, Гордиенко, е специјален дописник на „Новаја Газета“, а пишувала за конфликтите во Кавказ во изминатите осум години.

Основачот на Лајбах, Иван Новак, во име на бендот, кој е единствен бенд од Западот кој настапувал во социјалистичката Северна Кореја, го пренесе своето искуство од таа земја. Ана Бијалас од интернет платформата change.org појасни како најголемата платформа за петиции секојдневно им помага на корисниците кои започнуваат со кампањи преку консултации, помагајќи им во изградбата на стратегија и во тоа како да мобилизираат потписници, со цел да победи нивната кампања. Онлајн петициите, рече Бијалас, го менуваат светот.

Никола Писарев говореше за урбаната уметност како форма на критика и активизам, а професорката Беса Арифи за жените во политиката.

Коосновачот на романското критичко движење „Иницијатива Романија“, Михаи Политенау, го пренесе своето искуство од спротивставувањето на популизмот и корупцијата.

Корупцијата не е само крадење на јавните пари, не е само губење услуги, понекогаш е и убивање луѓе“, рече Политеану, посочувајќи ја улогата на романските граѓани во битката против корумпираните елити.

Инаку, иницијативата постои од 1 ноември 2015, за време на уличните протести предизвикани од трагичниот настан во „Колектив клуб“. Тогаш 64 луѓе починаа поради лошите противпожарни регулативи и корумпираноста на техничките служби.

Преку конференцијата ENGAGE, МОФ и Радио МОФ се стремат да го подигнат нивото на информираност на граѓаните, нивната присутност и активно дејствување, како во електронскиот така и во физичкиот простор. Преку информативни презентации, отворен простор за прашања, одговори и дискусии и претставување на успесите на општествено ангажираните каузи, конференцијата создава уникатен простор за инспирација и соработка. Годинешното издание беше организирано со поддршка од National Endowment for Democracy, додека спонзори на настанот беа „Кома-Дизајн & Принт“, „Nescafe“ и „Добра вода“. Во претходните пет години над 1500 граѓани биле дел од оваа годишна конференција за општествен активизам.

А. Б.