/ Прочитано:

1.147

ЕП усвои резолуција за поголема заштита на укажувачите

„Укажувачите кои дејствуваат во интерес на јавноста заслужуваат соодветна заштита и поддршка“, велат европарламентарците. Тие нагласуваат дека Европската Унија треба да воведе посебни правила за да се зајакнат заштитата и поддршката за укажувачите и нивната улога во откривањето на сериозни прекршувања на јавниот интерес, како што се корупцијата, прекршувањето на правдата, избегнување на данокот, недостаток на заштита за безбедноста на храната или животната средина и напади врз социјалните права на работниците.

Европските пратеници ја повикаа Европската комисија до крајот на 2017 година да предложи поголема заштита на укажувачите, популарно наречените свиркачи кои пријавуваат информации од јавен интерес и на тој начин земаат активно учество во борбата против корупцијата и криминалот. Барањето следува откако Европскиот парламент со 399 гласа ја усвои резолуцијата на француската пратеничка Виржини Розиер.

„Укажувачите кои дејствуваат во интерес на јавноста заслужуваат соодветна заштита и поддршка“, велат европарламентарците.

Тие нагласуваат дека Европската Унија треба да воведе посебни правила за да се зајакнат заштитата и поддршката за укажувачите и нивната улога во откривањето на сериозни прекршувања на јавниот интерес, како што се корупцијата, прекршувањето на правдата, избегнување на данокот, недостаток на заштита за безбедноста на храната или животната средина и напади врз социјалните права на работниците.

Розиер истакнува дека благодарение на укажувачите, колективната свест за сериозни прекршувања на јавниот интерес е на многу повисоко ниво отколку што тоа било во претходниот период, но нагласува дека и покрај нивната несебична борба против криминалот и корупцијата, тие сè уште се жртви на тешки притисоци.

„Со оваа резолуција, ние повикуваме да се воспостават правила за да се заштитат укажувачите и нивните права. Дефиницијата за свиркачите што се содржи во усвоената резолуција треба да покрие широк спектар ситуации. Секогаш кога едно лице ќе открие информација од јавен интерес, тоа лице треба да биде заштитено. Свиркачот мора да поседува ефикасни средства за да биде свиркач. Оттука, покрај јасните процедури што треба да бидат воведени во претпријатијата и институциите, на свиркачот треба да му се овозможи информацијата директно да ја пренесе на медиумите или граѓанското општество, особено кога станува збор за проблемите штетни за здравјето и животната средина”, истакнува пратеничката Розиер.

Европарламентарците коишто дадоа поддршка за резолуцијата сметаат дека сите земји членки на Европската Унија треба да воведат:

механизми за известување и пријавување од страна на укажувачите во невладини организации или во медиумите, вклучувајќи ја и можноста за анонимно информирање;

заштита од одмазда кон укажувачите, вклучувајќи и санкции против оние што се обидуваат да ги спречат да зборуваат;

мерки за поддршка, како што се правна и финансиска помош, психолошка поддршка и компензација на штетата што ја претрпеле укажувачите во случај на граѓанска постапка;

национални независни тела, одговорни за извештаи, потврдување на нивниот кредибилитет на ниво на ЕУ, со цел да се олесни координацијата во прекуграничните случаи.

Против оваа резолуција беа пратениците од најголемата политичка група во Европскиот парламент – демохристијаните, бидејќи сметаат дека оваа резолуција може да охрабри лажни информации и пријавувања.

А. Б.