/ Прочитано:

1.846

ЕПИ и НВО КХАН: „Справување со препреките за излез – Ромите на македонските граници“

НВО КХАМ досега регистрираше повеќе од 80 случаи на Роми кои претрпеле нееднаков третман на граничните премини, по што побарале правна помош. Во голем дел од овие случаи, како што посочија од невладината организација, луѓето многу бргу се откажале од водењето на судски постапки, пред сѐ, поради страв од виктимизација при следниот обид да се премине државната граница.

Во своите редовни годишни извештаи за напредокот на земјата во исполнувањето на критериумите за членство во Европската Унија, Европската комисија секогаш констатирала дека ромската етничка заедница е една од најдискриминираните и најранливи заедници во Македонија во повеќе области, а особено во образованието, вработувањето и домувањето. Ваквата состојба во голема мера придонесува Ромите сè уште да се соочуваат со висока социоекономска исклученост.

Освен тоа, во последните неколку години, Ромите од Македонија дополнително се соочуваат со неможност за остварување на основните човекови слободи и права, со тоа што им е ограничена слободата на движење, односно правото да ја напуштат територијата на Македонија, укажуваат од невладината организација КХАМ од Делчево, како една од клучните организации која нуди правна помош при вакви случаи. Од таму сметаат дека Ромите во земјава отворено се соочуваат со расна дискриминација на граничните премини.

Со цел да се укаже на сериозноста на овој проблем, Институтот за европска политика од Скопје и НВО КХАМ од Делчево направија детална анализа насловена „Справување со препреките за излез – Ромите на македонските граници“, за да дадат придонес кон менување на јавниот дискурс втемелен на политиките и практиките, претставувајќи ги Ромите како закана за безвизниот режим во Македонија.

НВО КХАМ досега регистрираше повеќе од 80 случаи на Роми кои претрпеле нееднаков третман на граничните премини, по што побарале правна помош. Во голем дел од овие случаи, како што посочија од невладината организација, луѓето многу бргу се откажале од водењето на судски постапки, пред сѐ, поради страв од виктимизација при следниот обид да се премине државната граница. Поради ова, голем дел од напорите на организацијата се вложувани во мотивирање на што поголем број од граѓаните да започнат судски постапки за утврдување на дискриминација, како и да истраат во барањето заштита на своите права.

„До 2015 година НВО КХАМ имаше искуство со повеќе судски постапки. Конкретно, станува збор за 20 судски постапки против Министерството за внатрешни работи за утврдување на дискриминација. Од нив, девет се правосилни и позитивно решени во корист на тужителот, четири тужби се повлечени, а две тужби се решени во корист на тужениот, т.е. на МВР“, истакна Зекир Абдулов од невладината организација.

Сепак, како што посочува Абдулов, невоедначената судска практика покажува дека не сите жртви на дискриминација можат да ја остварат правдата пред домашните судови. Според него, најновите судски одлуки со кои се признаваат трошоците за застапување на МВР го отежнуваат и пристапот до правда на жртвите на дискриминација.

„Оваа дискриминаторска практика е особено сериозна, бидејќи резултира со повреда на една од најмногу заштитените основи, расата, за која и телата на европско и на регионално ниво укажуваат дека не постои ситуација во која расната дискриминација може да се оправда“, вели Абдулов.

Во оваа насока, Институтот за европски политики и НВО КХАМ од Делчево, при сеопфатната анализа на проблемот со кој се соочува ромската етничка заедница во Македонија, повикаа на прекин на практиката на системска расна дискриминација и расно профилирање на Ромите на граничните премини, усогласување на домашната правна рамка со меѓународните стандарди и обезбедување ефективни и ефикасни механизми за заштита на правата на граѓаните, кои ќе овозможат зајакнување на правната сигурност и олеснет пристап до правдата.

А. Б.