/ Прочитано:

1.818

ЕПИ: „Транспарентност и отвореност: предизвик за осовременување на судскиот систем“

Дел од приоритетите нагласени во Итните реформски приоритети што се однесуваат на  правосудството се во насока на зајакнување на транспарентноста во судството и тоа подобрени комуникациски стратегии преку кои Судскиот совет и највисоките судови ќе застанат во заштита на независноста на судството, како и објава на сите судски пресуди во јасни рокови определени со закон (со обезбедени можности за целосно пребарување  и олеснет пристап). Последниот извештај на ЕК за Македонија упатува на доследно почитување на Итните реформски приоритети во делот на интернет пристапот до судската практика и можноста за пребарување.

Транспарентноста на судството, како модел на градење на довербата на јавноста во судството, соработката со јавноста и информирање на јавноста за работата на судиите, на оваа тема на конференцијата за унапредување на транспарентноста во правосудството во РМ, говореше претседателот на Здружението на судиите на Рeпублика Македонија, Џемали Саити.

Денешната расправа, организирана во рамки на проектот „Мрежа 23+“, има за цел да се унапреди транспарентноста на судството во насока на зголемување на довербата на јавноста во судскиот систем и разбирањето на работата на судовите и донесените пресуди, а истовремено се елиминира ризикот од корупција.

Судската власт која сака да го зајакне легитимитетот како трет носител на власт во една демократска држава мора да ги почитува принципите на отвореност и транспарентност. Довербата на јавноста е важен показател за статусот на судскиот систем и правдата во државата. За жал, извештаите на ЕУ нотираат дека во Република Македонија судската независност е уназадена, а воедно постои и ерозија на јавната доверба во јавните институции. Во последниот извештај на ЕК, јасно е нагласено назадување во делот на правосудството од 2014 година и уништувањето на цела декада успешни реформи. Дел од приоритетите нагласени во Итните реформски приоритети што се однесуваат на  правосудството се во насока на зајакнување на транспарентноста во судството и тоа подобрени комуникациски стратегии преку кои Судскиот совет и највисоките судови ќе застанат во заштита на независноста на судството, како и објава на сите судски пресуди во јасни рокови определени со закон (со обезбедени можности за целосно пребарување  и олеснет пристап). Последниот извештај на ЕК за Македонија упатува на доследно почитување на Итните реформски приоритети во делот на интернет пристапот до судската практика и можноста за пребарување.

Во Документот за јавна политика „Транспарентност и отвореност: предизвик за осовременување на судскиот систем во Република Македонија“, изработен од Институтот за европска политика – ЕПИ, се наведува дека отвореноста на судовите изразена преку јавните судски расправи и јавно изрекување на одлуките е важен дел на правото на фер судење. Транспарентните постапки меѓу другото се и начин за одреден вид контрола врз судството.

„Советот на Европа уште во 2003 година донесе препораки за давањето информации во медиумите за кривичните постапки. Препораките ја нагласуваат важноста медиумите слободно да известуваат и коментираат за кривично-правниот систем, почитувајќи ја пресумпцијата на невиност, судските и полициските органи да им даваат точни информации во судниците, снимањето во судница да биде во согласност со закон и со дозвола на релевантните судски органи, почитувајќи ги правата на сите присутни, новинарите да имаат право на копија од јавно изречените пресуди и друго“, се наведува во Документот на ЕПИ.

Јавноста и транспарентноста на судските постапки се загарантирани со Законот за судовите, како едно фундаментално начело (член 6, став 2 и член 10). Законот за кривичната постапка во член 5 го става јавното судење во рамките на правото за правично судење кое станува основно начело на кривичната постапка, а  и јавната расправа треба да биде јавна (член 353, став 1 од ЗКП). Исклучувањето на јавноста спротивно на законот претставува суштествена повреда на одредбите на кривичната постапка (член 415, став 1 точка 4). Законот за парничната постапка  го позиционира јавното судење во основните начела на постапката (член 4), а ЗПП главната расправа ја утврдува како јавна (членови 292 и 296). Судскиот деловник врши надополнување со тоа што предвидува можност новинарите известувачи и граѓаните да присуствуваат на јавните рочишта пред судовите без да имаат претходно одобрение од судот (член 104, став 1).

Генералниот заклучок е дека иако во Македонија се преземаат повеќе чекори со цел осовременување на судството во согласност со модерните текови за потранспарентно работење, сепак остануваат повеќе прашања кои отвораат простор за работа во насока на поголема отвореност и транспарентност.

„Но, резултатите во судскиот систем во Македонија зависат од повеќе фактори кои имаат директно или индиректно влијание врз перформансите во судовите и секако врз транспарентноста и јавноста на судовите. Затоа се препорачува да се донесе стратегија во судството за односи со јавноста во чие изготвување ќе учествуваат сите релевантни чинители, односно Судскиот совет, судовите, Министерството за правда, Здружението на судии, адвокати, новинари и невладини организации. Понатаму Судскиот совет и Врховниот суд треба да обезбедат судството да биде отворено и транспарентно, а притоа треба да работат во насока на судската независност. Овие институции мора да практикуваат одржување редовни форуми и состаноци со граѓанското општество и новинарите. Исто така, една од главните препораки е и да се почитува обврската за задолжително објавување на местото, времето и судницата на одржување на судењата, како и тоа именуваните лица за односи со јавност во судовите да одржуваат меѓусебни редовни средби на годишно ниво со цел размена на искуствата во работата“, се наведува во препораките во Документот на ЕПИ.

А. Б.