/ Прочитано:

1.195

Епл ја доби судската битка против Самсунг во САД, јужнокорејската компанија треба да плати оштета од 1 милијарда долари

Сабота, 25 јули 2012Самсунг ги копирал Ајфонот и Ајподот на Епл, одлучи поротата на федералниот суд во Сан Хозе, Калифорнија, во процесот Епл против Самсунг. Наместо бараните 2,7 милијарда долари, Самсунг е задолжен да  му плати оштета на Епл во висина од 1,05 милијарда долари. Јужнокорејската компанија соочена и со можност за забрана на продажба на едни од своите најпопуларни производи на американскиот пазар.

Поротата, исто така ја отфрли противтужбата на Самсунг и одлучи дека јужно-корејската фирма ги прекршила антимонополските закони на САД, обидувајќи се да ги монополизира своите безжични производи.  Според одлуката на поротата, Самсунг со 28 производи вклучувајќи ги и Самсунг Галакси С2, Галакси Таб и Галкси Ејс ги нарушил патентите на Епл. Во многу од производите на Самсунг е копирана добропознатата опција на Епл која вклучува зголемување на сликата со користење на неколку прсти, стои во пресудата меѓудругото .

Самсунг: Законот за патенти е изманипулиран

Очекувано, адвокатите на Самсунг најавија жалба на ваквата одлука. „Оваа одлука мора да биде укината, бидејќи истата ќе ги обезхрабри иноваторите, но и ќе го ограничи правото на потрошувачите да направат сопствен избор“, изјави Џон Квин, еден од водечките адвокати на Самсунг.

„Жално е што Законот за патенти може да биде изманипулиран за да и овозможи на една  компанија монопол над правоаголници со заоблени ќошиња“, изјавија од Самсунг по објавувањето на пресудата.

Во меѓувреме судијката Луси Кох закажа сослушување за 20-ти септември, на кое што треба да одлучи дали ќе ја забрани продажбата на најпопуларните мобилни телефони и таблет комјутери на Самсунг на американскиот пазар. Адвокатите на Епл, исто така можат да побараат зголемување на оштетата за три пати, односно наместо 1 милјарда долари, Самсунг да плати 3 милјарди.  Доколу судијката со корејско потекло ги прифати барањата на Епл, ова може да значи преструктуирање на светскиот пазар на мобилни телефони. Кох освен по барања на Епл, треба да одлучи и по барањето на Самсунг да се укине пресудата на поротата. Доколку пресудата остане, следува жалба до повисокиот суд.

Галакси линијата на Самсунг мобилните телфони работат на софтверската платформа Андроид, така што според  група експерти ваквата одлука колку што е удар за Самсунг е удар и за Гугл. Во меѓувреме, Епл останува еден од најголемите потрошувачи на Самсунг, заземајќи 9 % од вкупната продажба на Самсунг Електроникс. Но се чини дека меѓусебните кодошења искажани во судските процеси кои ги водат во повеќе различни земји, не им пречат во деловната соработка.

Битката се води на 4 континенти

Епл, својата патент тужба во САД ја поднесе во април 2011 година. Покрај себе ги има адвокатите кои се највисоко платени кога станува збор за вакви процеси, кои ја проценија загубата на Епл во конкретниот случај на 2,7 милјарда долари. За разлика од Епл, Самсунг со својата противтужба побара оштета во висина од 399 милиони долари.

Случајот во САД е најновиот судир во глобалната правна битка кои ја водат овие гиганти во технолошката индустрија. Тие своите битки ги водат на 4 континенти и тоа во: САД, Јужна Кореја,  Јапонија, Германија, Холандија, Британија, Франција и Австралија. Секаде е истото, се обвинуваат  меѓусебно за копирање на производи, дизајн и технологија, борејќи се притоа за доминација на пазарот на смарт телефони, што според „Блумберг“ се проценува на 219 милијарди долари.

>> Судот во Сеул ја забрани продажбата на некои од производите на Епл и Самсунг 

Според аналитичарите на „Њујорк Тајмс“, Самсунг е тотален аутсајдер во овој – американскиот процес, бидејќи истиот се води во федералниот суд во Сан Хозе, Калифорнија, што се наоѓа само на 10 милји од седиштето на Епл.  „Поротниците се земени од срцето на силиконската долина, каде што Стив Џобс е еден од најпочитуваните технолошки пионери,“ наведуваат тие во својата анализа.

Изненадувачки за сите, пресудата беше донесена за помалку од  три дена, иако сите очекуваа дека на поротата ќе и треба повеќе време поради сложеноста на случајот и обемноста предметот.