ЕСЧП објави корисни информации, водичи и упатства за жалителите, на македонски и на англиски јазик
Европскиот суд за човековите права објави корисни информации, брошури, водичи, упатства и видеа за жалителите, на македонски и на англиски јазик.
Како што наведуваат од ЕСЧП, информациите се однесуваат на повеќе прашања во врска со поднесувањето на полноважна жалба до Судот и за тоа како да се обрати жалителот до Судот.
„Доколку одлучите да поднесете жалба до Судот, ве молиме внимавајте на тоа вашата жалба да ги исполнува условите пропишани со Правилото 47 од Деловникот на Судот, во кое се наведени информациите и документите што мора да бидат доставени. Образецот за поднесување жалба треба да го преземете од интернет-страницата на Судот, да го пополните, да го испечатите и да го испратите до Судот по пошта заедно со сите неопходни документи. Не треба да користите други обрасци за поднесување жалба. Прочитајте ги документите што се наведени подолу за повеќе информации за тоа како правилно да го пополните образецот за поднесување жалба. За повеќе информации за тоа како правилно да го пополните образецот за поднесување жалба, ве молиме прочитајте ги документите што се наведени во продолжение“, појаснуваат од ЕСЧП.
ЕСЧП ја објавува и брошурата „Вашата жалба до Европскиот суд за човекови права“, дијаграмот за постапувањето по предметите, како и појаснувања за времените мерки.
Во брошурата „Вашата жалба до Европскиот суд за човекови права“ опишани се различните фази од постапката во која Судот ја разгледува жалбата и има за цел да даде одговор на најважните прашања што би можеле да ги постават жалителите, особено откако ќе ја испратат жалбата до Судот, додека пак во дијаграмот „Постапување по предметите“ е прикажан прогресот на предмет пред Судот во согласност со судиската формација.
„Судот изрекува времени мерки единствено во јасно дефинирани услови, поточно тогаш кога постои ризик да дојде до сериозна повреда на Конвенцијата. Голем дел од барањата за времени мерки се несоодветни, па следствено се одбиваат“, посочуваат од ЕСЧП во врска со прашањето за времените мерки.
Покрај корисните информации, брошури и водичи, ЕСЧП објавува и корисни документи и официјални документи, како што е документот „Прашања и одговори” кој содржи бројни корисни информации за идните жалители.
Исто така, ЕСЧП објавува и видео за критериумите на допуштеност, во кое се претставени најважните критериуми на допуштеност коишто мора да бидат исполнети за да се поднесе жалба до Судот, како и видео за тоа како се поднесува жалба до Судот, во кое е објаснет начинот на кој мора да се пополни образецот за поднесување жалба за да биде разгледана од страна на Судот.