/ Прочитано:

2.705

Етички кодекс за пратениците, спречување судир на интереси и примање подароци – препорачува ГРЕКО за членовите на Собранието

Групата држави против корупција (ГРЕКО) на Советот на Европа во Извештајот за усогласеност на Република Македонија од Четвртиот круг на евалуација препорачува Етички кодекс за македонските пратеници. Во тој контекст, ниту една од препораките на ГРЕКО во врска со парламентарците не е исполнета.

slika

ГРЕКО препорачува забрзување на постапката на донесување Етички кодекс на однесување за членовите на Собранието и осигурување дека тој ќе биде лесно достапен за јавноста. Исто така, препорачува и воспоставување на соодветен механизам во рамките на Собранието кој ќе го промовира Кодексот и ќе ја подигне свеста меѓу неговите членови во врска со стандардите кои се очекуваат од нив и кој ќе ги спроведе стандардите онаму каде што е потребно.

„Властите укажуваат дека во март 2012 година претседателот на Собранието, заедно со потпретседателот и координаторите на пратеничките групи на политичките партии, одржал состанок за воведување на Етички кодекс за членовите на Собранието. На овој состанок биле адресирани неколку заеднички позиции и биле донесени заклучоци, вклучувајќи го и принципот дека текст на Кодексот ќе биде донесен со консензус, вклучувајќи ги сите партии. Втор состанок бил одржан со оваа работна група, меѓутоа бојкотот на опозициската група што траел неколку месеци го спречил постигнувањето консензус за усвојување на Кодексот и ја запрел работата на работната група. Властите истакнуваат дека се очекува од опозициските групи да го продолжат нивното учество во состаноците на работната група“, се вели во Извештајот за усогласеност на Република Македонија од Четвртиот круг на евалуација  кој се однесува на  превенција на корупцијата кај  членовите на Собранието, судиите и обвинителите.

slika

Во поглед на меѓународната соработка во врска со размената на искуства за етичките кодекси на парламентите во Европа, ГРЕКО го потенцира и значењето на меѓународниот семинар „Структура и процедури во поглед на етичките кодекси за пратениците и интегритетот на парламентарната служба”, на кој учествуваа 51 експерт од 34 парламенти, како и претставници на ГРЕКО и OБСЕ/ОДИХР.

Земајќи ги предвид информациите за меѓународната соработка за Етичкиот кодекс на однесување на парламентарците, ГРЕКО, се вели во Извештајот, е задоволен што гледа дека земјата зема предвид странско искуство за подготовка на Кодексот на однесување за парламентарци. Сепак, на настаните посветени на размената на искуство, честа е забелешката дека Собранието не е доволно проактивно во поглед на значењето на прашањето за Етичкиот кодекс и дека мора да постојат засилени активности во таа насока.

ГРЕКО препорачува да бидат развиени внатрешни механизми во рамките на Собранието и насоки за спречување судир на интереси и примање подароци, гостопримство и други предности и усогласеноста со овие принципи од страна на парламентарците да биде соодветно мониторирано.

„ГРЕКО жали што засега Собранието не презело мерки во врска со оваа препорака. Како што е истакнато под претходната препорака, изработката на Етичкиот кодекс на однесување за парламентарци е стопирана во рана фаза. Властите се осврнуваат на прирачник кој е усвоен од ДКСК, кој може да се најде на англиски јазик на интернет“, се истакнува во Извештајот на ГРЕКО.

slika

Воедно, ГРЕКО препорачува воведување правила за тоа како да соработуваат членови на Собранието со лобисти и трети странки кои сакаат да влијаат на законодавниот процес, пропишување санкции во релевантните закони, како и спроведување соодветни акции за сите случаи на несоодветно однесување од страна на членовите на Собранието.

Претседателот на ГРЕКО, познатиот хрватски судија  д-р Марин Мрчела, истакнува дека ГРЕКО особено се фокусира на спречувањето на корупцијата кај парламентарците. Клучниот збор, нагласува Мрчела, е транспарентноста.

„Она за коешто треба да се води сметка, а кое го правиме за спречување на корупцијата кај судиите и обвинителите, кое ги вклучува и парламентарците, се прашањата кои се јавуваат помалку или повеќе во сите држави, и на тие подрачја не е потребно да се направат само промени и систем, туку потребно е да се прави и надзор на тој систем. На пример, при конфликт на интереси треба да се знае што да се направи точно, па ако се случи, да се направи нешто. Клучниот збор е транспарентноста, и особено се однесува на политичарите затоа што ним не им суди никој друг туку избирачите. Ако веќе треба да им се суди, тоа е прашање на кривично дело. Но судирот на интереси не мора да значи противправно дејство во смисла на кривично дело. Потоа, исто така треба да се води сметка за контактите со трети лица, во смисла на лобисти, затоа што и тоа мора да биде транспарентно. Исто така, од голема важност е прашањето за дојавувачите затоа што мора да бидат заштитени оние што во добра вера ја пријавуваат корупцијата“, подвлече претседателот на ГРЕКО во интервјуто за Академик.

M.В