/ Прочитано:

3.266

Етичкиот кодекс на јавните обвинители за односот на обвинителот со обвинетиот

Во Етичкиот кодекс на јавните обвинители се пропишуваат одредби и за односот на јавниот обвинител  со осомничениот и обвинетиот.

„Јавните обвинители во односите со осомничениот, односно обвинетиот, како и со лицето со кое соработуваат во постапката и за кое постои основано сомнение дека извршило кривично дело, треба да ги штитат нивните права и угледот, како и својот углед и угледот на јавното обвинителство. Јавните обвинители при тоа мора да се воздржат од било какви дејствија кои можат да ја доведат под сомнение нивната објективност. За таа цел контактите треба да се одржуваат во службените простории, со составување на службени белешки или снимки од разговорот со тоа лице“, се пропишува во Етичкиот кодекс на јавните обвинители, во кој се пропишуваат и етичките начела за чесноста и неподмитливоста.

Во тој  контекст, се вели во Кодексот, Јавните обвинители не смеат да ја користат својата службена положба и углед заради остварување на имотна и друга корист за себе или за други, не смеат да примаат подароци и бесплатни услуги, ако со тоа може да ја доведат во прашање нивната непристрасност и објективност. На јавните обвинители им е забрането да ја користат својата функција или информациите кои ги добиле преку својата функција за своја лична корист или за лична корист на некој друг.

„Јавните обвинители во рамките на работното време и надвор од него мора да се однесуваат така што нема да го доведат во прашање достоинството и угледот на јавното обвинителство, да се воздржуваат од извршување на активности кои би биле во судир со службените должности или би можеле да го намалат нивниот општествен углед и угледот на јавното обвинителство“, се вели во Кодексот во врска со начелото на достоинство.

Начела до кои обвинителите се должни да се придржуваат според Етичкиот кодекс

М.В