/ Прочитано:

1.371

Етичкиот кодекс значи одговорност за пратениците во и надвор од Собранието

Во организација на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања на Собранието на Република Северна Македонија денеска се одржа обука за „Мерките за промовирање на Етичкиот кодекс и подигање на свеста за неговата содржина“.

Собранието во 2018 година донесе Етички кодекс за пратениците, а во февруари годинава беа направени одредени измени и дополнувања по препораките на Советот на Европа, поточно по препораките на ГРЕКО. Со ова, нашиот Парламент влезе во една помала група на европски држави кои имаат донесено ваков кодекс.

Во своето поздравно обраќање претседателот на Собранието, Талат Џафери, рече дека за да биде законодавниот дом функционален, а пред сè во корист на граѓанинот како поединец и општеството во целост, потребно е воспоставување на етички норми, стандарди и правила.

Обраќање пред присутните имаше и францускиот амбасадор, Кристијан Тимоние, кој укажа на потребата од цврст и стабилен етички кодекс. Ако работиме на деонтологијата, рече тој, тогаш работиме на зацврстување на вербата на граѓаните.

Ана Павловска-Данева, шеф на Делегацијата на Република Северна Македонија во ГРЕКО, го оцени настанот како чекор напред во препораките  на ГРЕКО.

Евалуација на Кодексот даде Фердинанд Мелан-Сукраманиан, експерт во областа на кодексите за пратеници и други именувани лица, поранешен деонтолог, односно етичар во Националното собрание на Француската Република.

Етичкиот кодекс на нашето Собрание го оцени како кус, со класична содржина, со мал број правила, приспособен на околностите, но најважно е тоа што е донесен и тоа е во корист не само за сегашните пратеници, туку и за идните и воопшто за државата. Тој предупреди дека културолошкото присвојување на тие етички начела бара време и трпение, а од друга страна граѓаните очекуваат брзи резултати.

Кодексот ги содржи основните етички начела, објективност, јавност и одговорност, заемно почитување и почитување на личниот интегритет на другите, правила на однесување, судир на интереси, забрана за корупција, забрана за примање подароци, буџетска и финансиска дисциплина, однос кон средствата и мерки за повреда на Кодексот.

Целта е зачувување и афирмирање на достоинството на Собранието и на пратениците, зголемување на довербата на граѓаните и јавноста во основните вредности и интегритетот на функцијата пратеник како индивидуа и на Собранието како претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт.

Пратениците добија етички кодекс

Предложен кодекс за етичко однесување на пратениците во Собранието на РМ

Собранието да донесе измени во Законот за пратениците и да донесе Кодекс за етика на пратениците

Етички кодекс за пратениците, спречување судир на интереси и примање подароци – препорачува ГРЕКО за членовите на Собранието

М.В