ЕТИКАТА Е УСЛОВ ЗА ВЛАДЕЕЊЕТО НА ПРАВОТО – Меѓународна конференција „Управување со правни ризици: Правна етика и естетика“

Вторник, 27 октомври 2015 – Денеска во хотелот „Александар Палас“ во Скопје стартуваше меѓународната правна конференција „Управување со правни ризици: Правна етика и естетика“. Главниот град на Македонија денеска повторно е центар на светската и регионалната правна и економска елита. На големиот меѓународен настан, во присуство на бројни учесници од земјата и регионот, говореа реномирани светски адвокати, универзитетски професори, експерти и претставници од бизнис секторот. Етиката е основата на правничката професија и нејзиното почитување и примена се фактор за владеењето на правото, што пак е услов за постоењето на поволна деловна клима. Само во тие рамки може да се говори за општествен прогрес и за вистинско профилирање на целите на правничката професија, беше заклучено на првиот ден од Конференцијата.

Тргнувајќи од претпоставката дека предуслов за постигнување најдобра практика и успешен бизнис модел се втемелените високи етички и естетски начела, овогодишната меѓународна правна конференција „Управување со правни ризици“ се фокусираше на правната етика и естетика. За таа цел, на големиот меѓународен настан, во присуство на бројни учесници од земјата и регионот, говореа реномирани светски адвокати, универзитетски професори, експерти и претставници од бизнис секторот.

„Не можеме да развиваме успешни деловни модели ако тие не се етички. Не можеме да достигнеме високи стандарди во професијата ако тие не се унифицирани на начин прифатлив за нашите клиенти или потрошувачи“, беше истакнато на почетокот на меѓународната Конференција. Во таа насока, поаѓајќи од премисата дека континуираното образование е еден од највисоките приоритети на секој професионалец, на Конференцијата од страна на предавачите беа споделени значајни знаења и искуства во едукативна и професионална смисла, а беа искажани и мошне продуктивни и корисни мислења, методологии и иновативни концепти.

Адвокатот Георги Димитров, истакнувајќи го значењето на правната етика како суштински домен за вршење на правничката професија, во својот воведен говор рече дека од особена важност е што на Конференцијата ќе се говори и за тоа како различните општествено-економски движења влијаат врз правниците и како понатаму да се предвидат правните ризици.

„Правната етика е во сржта на нашиот правнички конзерватизам. Но правната етика, во современи услови, воедно значи и флексибилност, а тоа значи додавање на дополнителна естетска вредност на таквото вреднување на правото. На оваа конференција ќе говориме и за две суштински работи: како социо-економските влијаат на правниците, и како правниците треба да реагираат на нив“, истакна Димитров, воедно најавувајќи го одличното предавање на д-р Владимир Глигоров, од Виенскиот институт за меѓународни економски студии.

Д-р Владимир Глигоров во своето предавање ја елаборирше темата за политичките ризици и за нивното влијание врз економските текови, осврнувајќи се на правните ризици од еконмски и политички аспект. Тој истакна дека првиот глобален ризик е промената на монетарниот режим во светот, а како геостратешки ризик го истакна примерот со гасоводите во Европа и различните гледишта на Русија и Европската Унија кои спорат за тоа дали  тие значат „контрола на територијата“. Ваквиот спор, додаде Глигоров, уште долго ќе се чувствува на Балканот, на кој, од друга страна има криза на легитимноста.

„Во балканските земји има ризик како криза на легитимност. Таа криза се согледува во Црна Гора, а неколку месеци порано се виде во Македонија. Таква криза имаше и во Србија, а имаше нешто слично во Грција и во Бугарија. Што е криза на легитимноста? Криза на легитимноста е кога општетсвото го контекстира правото на владеење на извршната власт“, истакна Глигоров, според чии проценки економското опоравување на балканските земји нема да биде брзо, особено заради големата невработеност и социјалните и политички нестабилности и ризици.

На меѓународната правна конференција говореше и познатиот бугарски адвокат Борислав Бојанов, кој се осврна на транспарентните тајни на адвокатскиот бизнис и за предусловите за креирање успешен адвокатски бизнис. На почетокот од своето предавање, Бојанов низ историски пресек ги елаборираше почетоците на својата професиопнална кариера  и формирањето на неговата адвокатска фирма, која денес е една од најперспективните бугарски адвокатски канцеларии. Уште од самите почетоци пред 26 години, рече Бојанов, вредностите на етиката беа и сега останаа мој личен императив и наше лично мото.

„За моралот нема компромис, тоа е нашата основна премиса. Треба многу да се работи, клиентите да се на прво место, треба да е јасно дека без посветеност и напорна работа – нема успех. Во време кога професијата преминува во бизнис, секогаш треба да се применуваат вредностите на етиката. Како адвокати, мора да му служиме на владеењето на правото!“, нагласи Бојанов.

Адвокатот Борислав Бојанов дополнително ги откри „тајните“ на успехот, кои како што подвлече, се засновани на развојот на тимот, градењето на тимскиот дух, вложувањето во вработените да се профилираат во уште подобри и покреативни правници, акцентирањето на транспарентноста како вредност и неминовниот однос кон клиентите и општеството.

„Секогаш бидете дисциплинирани. Секогаш почитувајте ги етичките начела. Вложувајте во своето знаење. И работете. Работете многу, но секогаш во согласност со моралот“, потенцираше успешниот бугарски адвокат, Борислав Бојанов.

Теодорос Малфас, главен и извршен директор на „Мермерниот комбинат“ АД Прилеп, говореше за ризиците поврзани со инвестициите во балканскиот регион. Тој нагласи дека клучно за инвестициите во регионот е меѓусебната соработка, стабилноста и почитувањето на правилата, како приоритетен фактор за инвеститорите.

„Балканските земји со своите европски аспирации и членството во ЕУ се одличен економски показател и тоа е голема предност за Балканот. Имено, на Балканот потребно е да се има заедничко разбирање и тоа е првенствено клучот за успехот и соработката. Исто така, добро е што во регионот пазарот на труд станува флексибилен и што се вложува во инфрастуктурата. Но, треба да се напомене дека инвеститорите сакаат да ги знаат правилата, од самиот почеток. Тие мора да се запознаени со таквото опкружување и колку за нив е важно владеењето на правото. Дополнително, социјалната стабилност, макроекономските показатели и инфраструктурата се фактори за инвестициите и тие фактори имаат големи влијанинија во формирањето на бизнис климата“, истакна Малфас.

Адвокатот Предраг Константиновиќ, од белградската адвокатска канцеларија „JMS Law Office“, ги сподели своите искуства околу правната организација и управувањето со ризиците на еден од најголемите музички фестивали во Европа, фестивалот „Егзит“. Константиновиќ во своето предавање го истакна културолошкото значење на фестивалот „Егзит“ и поаѓајќи од тој факт, предочи дека голема е одговорноста правно да се менаџира со настан од таков карактер. 

„Денеска „Егзит“ е еден од најпознатите фестивали на светот, тој е бренд со универзално препознатливо значење и со силно изразени социјални и културошки цели како поврзување на различни култури, интегрирање на луѓе од различни страни на светот. Но „Егзит“, исто така, е промоција за државата, и оттука, тој како меѓународен настан не само што претставува културолошка придобивка, туку и економска придобивка за земјата“, подвлече Константиновиќ, напоменувајќи дека фестивалот е носител на наградата за најдобар голем европски фестивал. Адвокатот образложи дека улогата на правниот тим во организацијата на фестивалот е од исклучителна важност, затоа што токму правниците ја осмислуваат стратешката коцепцијата за реализацијата на настанот, а во врска со правната поддршка, комуникацијата со водечките менаџери на фестивалот, процедурите и застапувањето, преговорите со уметницте кои настапуваат на фестивалот и проследувањето на неопходните контрактуални сегметни поврзани со интелектуалната сопственост.

„Правната поддршка е од исклучива важност за фестивалот. Како правник секогаш треба да бидеш подготвен за преговори, но и за подготовка на конкретни договори. Треба да се има предвид дека често се работи за контрактуални аспекти и креирање на договори во логистичка, организациска и во интелктуално-правна смисла. И потребата од таквите договори може да се случат во последен момент. Тука треба веднаш да се реагира.“, укажа Константиновиќ.

Кон предавањето за правната организација на „Егзит“, одлично се надоврза предавањето на креативната американска адвокатка Александра Девендра, која говореше за примената на разните естетски модели во правото преку правниот дизајн и визуелизацијата на правото. Низ мошне корисни и практични примери, Девендра како консултант за правен дизајн, елаборираше бројни примери на креативни типографски модалитети на документи, кои, од визуелен и дизајнерски аспект се поприфатливи за деловната комуникација. Клучната порака која произлегува од работата и презентацијата на Девендра е: Како правото да биде подостапно и поубаво?

Во таа смисла, има повеќе креативни начини и алатки кои може и треба да се искористат. Иновативната типографската визуелизација, графиконите, виртуелното претставување на слики, се само дел од алатките кои нудат извноредни можности. Тие не само што обезбедуваат подобра деловна комуникација, туку се ориентирани и кон граѓаните, па така обезбедуваат и полесесна комуникација и разбирање од страна на лаиците“, рече Девендра, аргументирајќи колку илустративната концепција на пренесување на информациите, полесно влијае врз нивната перцептивност и понатамошна примена.

Првиот ден од Академик Конференцијата за правни ризици посветена на правната етика и естетика, се заокружи со предавањето на адвокатот Рид Мекафри, кој говореше за меѓународната арбитража и за етичките стандарди потребни при процена на можниот исход и при застапувањето во предметите. Реномираниот адвокат, поѓајќи од неговото огромно искуство во арбитражата, посочи дека арбитражата за многу предмети е логична солуција, но секогаш треба да се внимава на правните ризици.

„Секоја органиција има должност да направи анализа на ризиците, па така и адвокатите при застапувањето во арбитражите. Избегнувајте претпоставки, избегнувајте да користите еден образец за клиенти, утврдете какво ќе биде јавното мислење за вашиот клиент“, советуваше искусниот адвокатСпоред Мекарфи, при анализата на ризикот треба да се земат предвид сите фактори во земјата, како стабилноста, владеењето на правото, правната сигурност и конзистетноста на законите.

Конференцијата „Управување со правни ризици: Правна етика и естетика“, на задоволство на големиот број на учесници, продолжува утре, со нови корисни предавања и со нови можности за професионално поврзување на правниците од регионот и пошироко. Токму ваквите можности и едукативни бенефиции, кои се традиционална одлика на Академик конференциите, повторно овој настан го вбројуваат во редот на најзначајните правни настани на домашно и глобално ниво.