/ Прочитано:

1.218

ЕУ И САД: Не се исполнети реформските услови за избори на 24 април, ХАН: Суштината и квалитетот на изборите се многу поважни од датумот

Објавувајќи ја изјавата потпишана од двајцата амбасадори во земјава на својот профил на Твитер еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан, наведе дека суштината и квалитетот на изборите се многу поважни од датумот.

izbori.jpg

Вчера Европската унија и Соединетите Американски Држави преку своите претставници во земјава, евроамбасадорот Аиво Орав и амбасадорот Џес Бејли, до премиерот, Емил Димитриев, ја доставија оценката за исполнетоста на поставените услови со Договорот од Пржино за одржување на предвремените парламентарни избори на 24 април.

Во изјавата презентирана од Бејли беше наведено дека со Договорот од Пржино биле планирани реформи што би ја вратиле довербата кај граѓаните во изборните процеси и што би овозможиле надминување на политичката криза во земјата.

„Ние бележиме дека работата на Државната изборна комисија досега, како и наодите на сите релевантни експерти укажуваат дека во оваа фаза, неопходните услови за организирање на веродостојни избори на 24 април, во моментов не се исполнети, иако одреден напредок е постигнат“, рече Бејли.

Исто така, сè уште не е постигнат договор за реформите во медиумите за да се обезбедат рамноправни услови. Ние, исто така, сме загрижени во врска со првичните известувања за вршење притисок и заплашување на гласачи и на други.

„Сето ова многу разочарува. Силно ги охрабруваме сите политички лидери, мнозинството, како и опозицијата и институциите, да останат целосно посветени на Договорот од јуни/јули, вклучувајќи ги и досега преземените чекори од овој Договор“, истакна амбасадорот на САД во земјава.

Ако изборите не можат да се одржат на предвидениот датум, претставниците на меѓународната заедница очекуваат од политичките партии да работат со цел да ги преземат неопходните мерки за овозможување веродостојни избори на најраниот можен датум и со целосно почитување на обврските, како и тековната подготвителна работа на Државната изборна комисија.

Како датум за избори Бејли го спомена 5 јуни, датум кој го дале политичките лидери како можна алтернатива.

Објавувајќи ја изјавата потпишана од двајцата амбасадори во земјава на својот профил на Твитер еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан, наведе дека суштината и квалитетот на изборите се многу поважни од датумот.

Изборите според Договор од Пржино беа закажани за 24 април, а тој датум влезе и во измените на изборниот законик кои ги донесоа четирите најголеми политички партии во земјава.

На 18 јануари Собранието избра техничка влада и донесе одлука да се распушти со одложено дејство односно на 24 февруари.